Volvo 9900 и 9700

Volvo со нова платформа за долголиниските автобуси

Шведскиот производител претстави нови модели во класата туристички автобуси – луксузниот 9900 и повеќенаменскиот 9700

Освен иновативниот дизајн и високата удобност, тие имаат и потполно нова конструкција со што тежината им е намалена за 350 kg. Подницата со нагиб на внатрешноста и дава облик на театар, што е вистинска новост за долголиниските автобуси. Патниците ќе ги дочека мирна и избалансирана светлосна палета, како и комбинации на текстил и кожа со нагласени метални детали. Седиштата се ергономски, ентериерот добро изолиран, а клима уредот развиен да овозможи стабилна и пријатна температура без оглед на надворешните услови.

Топ моделот 9900 ќе се нуди со две оски и должина од 12,4 метри и со три оски со должини од 13,1 и 13,99 метри. Тој сега има височина од 3,85 метри, за 12 cm повеќе од претходниот модел. Додека минатата генерација на 9900 и 9700 имаа иста височина, сега 9700 е за 30 cm понизок. Автобусите се опремени со новиот систем кој го предупредува возачот за замор, како и со засилен преден дел кој во случај на судар апсорбира повеќе енергија. И двата модела ги задвижува 11-литарски D11K мотор кој ќе се нуди со три нивоа на силина – 380, 430 и 460 KS. Благодарение на помалата тежина и подобрата аеродинамика намалена е потрошувачката на гориво која е можно дополнително да се снижи со употреба на предвидливиот I-See темпомат. Во однос на ова, Volvo истакнува дека вкупната заштеда може да биде и до 4%.