Volvo Distance Alert

Предупредува два пати, а потоа кочи без прашање

Новото безбедносно решение на Volvo Trucks им помага на возачите да го задржат растојанието

Компанијата Volvo Trucks воведе нова безбедносна функција Distance Alert, која на возачите на камиони им го олеснува одржувањето на безбедно растојание од возилата напред и спречува критични ситуации. Несреќите во кои едно возило удара во заден дел на друго моментално сочинуваат околу 20% од сите сериозни судари кои вклучуваат камиони. „Таквите несреќи често се предизвикани од невнимание и премало растојание од возилото пред камионот. Предупредувањето на возачите за растојанието во вид на црвено светло на ветробранското стакло штом камионот премногу ќе се доближи до возилото пред себе, во повеќето случаи може да спречи судар“, вели директорот за безбедност на сообраќајот и производите во компанијата Volvo Trucks, Карл Јохан Алмквист.

Функцијата за предупредување на растојанието е дел од најновата верзија на Collision Warning with Emergency Brake системот за поддршка на возењето на Volvo Trucks. Наменета за помош на возачите и спречување на несреќи, делува во неколку фази. Најпрво возачот визуелно се предупредува со споменатото црвено светло на ветробранското стакло. Ако тој не реагира, тоа започнува да трепка, а се јавува и звучен аларм. Доколку и тоа нема ефект, а софтверот детектира критична ситуација, се активира кочницата за исти случи. Сето ова се случува во само неколку секунди.

Новата функција е наменета за употреба на главни патишта надвор од градовите и се вклучува при брзини над 60 km/h, освен ако не се користи прилагодливиот темпомат. На ист начин како и останатите функции на системот за предупредување за судар, функционира со комбинација на камера и радарска технологија за идентификација на објектите на патот и пресметување на оддалеченоста. „Со постојаното подобрување на системите за активна безбедност во нашите камиони, на возачите им се нудат подобри начини за намалување на ризиците на кои се изложени тие и останатите учесници во сообраќајот. Функцијата за предупредување на растојанието е еден од многуте примери како технологијата може да помогне добрите возачи да станат уште подобри. За транспортните компании вложувањето во безбедноста има смисла не само за заштита на луѓето, туку и заради финансиски заштеди. Пониските трошоци за осигурување и поправки, како и помалкуте непланирани застои се некои од аргументите. Освен тоа, безбедниот стил на возење генерално е поекономичен. Комбинацијата од добро обучени возачи кои се свесни за безбедноста и посигурен камион, претставува предност за сите“, додава Алмквист.

Факти:
► Distance Alert функцијата е достапна кај Volvo FH, FH16, FM и FMX. Камионите исто така мора да бидат опремени и со систем за предупредување од судар.
► Функција за предупредување на растојанието е наменета за возачите на камиони полесно да одржуваат безбедна оддалеченост од возилата пред себе.
► Ако се открие дека возилата се поблиску од избраното временско растојание од 1,5 до 3,5 секунди, на ветробранското стакло ќе се појави црвено светло. Ако возачот не ја намали брзината, се активира системот за предупредување од судар кој реагира со звучни и визуелни сигнали, со постепено зголемување на интензитетот. После тоа се активира кочницата за случај на опасност.
► Collision Warning with Emergency Brake системот за предупредување од судар со безбедносна кочница на компанијата Volvo Trucks е достапен во моделите FH, FH16, FM, FMX, FE и FL.