Елитна ефикасност
Добро познатиот багер со гасеници на Volvo сега добива нов сет механички и електронски контроли за намалување на потрошувачката со што го запоседнува самиот технолошки врв кај работните машини со вкупна тежина до 50 тони
Тоа што го знаеме децении наназад за работните машини на шведскиот производител си останува и понатаму како константа. Долготрајност, доверливост и врвен квалитет, се особините кои ќе ви ги потенцира секој корисник кој го избрал Volvo за свој партнер во работата. Но, времињата се менуваат па со себе носат и некои нови барања кои сега се поставуваат дури и како императив. Да, се разбира, станува збор за економичното трошење на горивото кое пак е тесно поврзано со намалување на емисијата на штетни гасови.
Во однос на ново поставените стандарди Швеѓаните одговораат со развивање на целосно нови решенија кои во целост ги исполнуваат тие стандарди, а во некои делови дури и ги надминуваат. Поставувајќи се така на лидерската позиција во однос на сочувување на животната средина.
Третманот на издувните гасови со посебно поставени катализатори и филтри, четири мода за работа на моторот, поставување во неутрална положба во ситуација кога не е активирана ниту една функција, гасење на моторот после одредено време во случај на работа во место, електронска контрола на хидрауличниот систем и испорака на силина според потреба за извршување на задачите, или кажано само со едно име ECO MODE, придонесуваат за намалена потрошувачката за цели 9%.
Секој кој со бави, па макар и периферно, со оваа проблематика точно ќе разбере колкави човечки и технолошки ресурси се ангажирани за постигнување на овој извонреден резултат.
Нова технологија
Носечката конструкција е изведена во облик на буквата “X“, движењето е со помош на гасеници а како погонски агрегат се користи дизел мотор кој ги исполнува највисоките еколошки стандарди Tier 4 Final/Stage IV.
Во принцип говориме за линиски мотор од шест цилиндри кој има работен волумен од 12,6 литри. Со извршените интервенции сега тој испорачува зголемена моќност од 308 КС кои потоа домаќински се менаџираат. Вкупната оперативна тежина која во зависност од вградените приклучоци се движи помеѓу 36 и 42 тони во спориот пренос се движи со максимални 3,4 додека во брзиот со 5,3 км/ч. И во двата случаи брзината на работниот циклус изнесува 10,2 ротации во минута, што претставува добар показател за зголемената ефикасност.
Сега повторно да се навратиме на економичноста. На десната страна на операторот е вграден прекинувач кој во зависност од очекуваната тежина на апликацијата може да се избере еден од четирите мода на работа. На располагање се опциите I-F-G-H (Idle-Fine-General-Heavy) според кои се раководи менаџментот на моторот. Згора на тоа електро хидрауличниот систем има нова контролна електроника која прецизно ја дозира испораката на притисок спрема моменталното оптеретување. Во случај операторот да не активира некоја функција моторот после неколку секунди автоматски се става во позиција на „лер“ а ако тоа време потрае автоматиката целосно го исклучува. Од нервозно исклучување/вклучување операторот се штити со можноста за подесување на овие временски интервали. Содејството на сите овие системи резултира со намалување на потрошувачката за цели 9%, а ако се земе предвид и додатниот третман на издувните гасови тогаш резултатот на издувните штетни гасови е уште поимпресивен.
Работен простор
Кабината на оперторот може да послужи како вистински пример за секоја работна машина. Таа физички е заштитена со челичен кафез кој овозможува потполна безбедност од отпаднатите парчиња материјал. Командите се изведени класично, со два џојстика и секундарни команди логично распоредени и на дофат на операторот. Сите релевантни параметри можат да се следат на странично поставениот дисплеј, на кого сега можат да се следат и просечната и моменталната потрошувачка на гориво. Посебно внимание е посветено на можните точки на преоптеретување како и на вкупното механичко оптеретување на машината, за кои во случај на еветуалната опасност по некоја компонента дисплејот веднаш сигнализира.
Volvo, според добрата шведска традиција, посебно внимание посветува на безбедноста. Сега кон тој позитивен пристап, се додава и драстичното намалување на бучавата која се движи во рамки на патничките возила. Мобилното комуницирање преку вградениот „блутут“ или слушање на омилената музика додека се извршуваат тешки физички работи, сега претставува многу реална можност.
Спрема материјалот и алатот
Стандардната конфигурација на EC 380EL со лесна и брза интервенција може да се модифицира спрема спецификата на работните задачи. Во поглед на расположивите додатоци освен стандардните корпи можат да се искористат чекан, ножици, зафатна клешта, додека за потребите на преместување на дрва или шут наменети се зафатни вилушки со различни димензии. Овие додатоци можат да бидат со максимална тежина од три тони, а се разбира, можат по потреба лесно и брзо да се заменат.
По желба на купувачот во багерот може да се вгради предгреење на моторот (и кабината) па дури и тајмер за вклучување на веќе загреаната машина.