Volvo FH Reloaded

Оптимизација која штеди гориво

Помала потрошувачка на гориво – тоа се волшебните зборови околу кои денес сé се врти во светот на транспортот. Производителите се трудат да постигнат што помали бројки, со едноставна логика – оној кој ќе биде најдобар ќе продаде повеќе возила

Reloaded изведбата на долголинискиот FH на Volvo во основа нема технички промени или новости туку се работи за спецификација на возило кое е оптимизирано за постигнување што помала потрошувачка на гориво и наменета пред сé за транспортерите со поголеми флоти кои често се соочуваат со проблем на недоволно квалитетни возачи. Заради тоа, примарна насока при обмислувањето на овој пакет беше намалување на влијанието на возачот во подрачјата каде тоа би можело да доведе до поголема потрошувачка на гориво, односно таму каде намалувањето на неговата улога ќе резултира со значителни заштеди.

Првото што е направено е кај I-Shift автоматизираниот менувач кој повеќе не му дозволува на возачот во повисоките степени на пренос, меѓу 7-ми и 12-ти, рачно да ги менува брзините туку тоа е препуштено на електрониката. Исто тако оневозможена е и употребата на функциите kick-down и power. Заради ова, Reloaded моделите немаат рачка на менувачот на конзолата покрај седиштето, туку таа е заменета со копчиња на арматурната плоча, што овозможува и полесно движење на возачот низ кабината.

Како надополнување, дозволеното отстапување на брзината од онаа што е поставена на темпоматот е ограничено на 10 km/h минус и 5 km/h плус, при што на крај на низбрдица отстапувањето во плус може да се зголеми за дополнителни 3 km/h, ама најмногу за 40 секунди. Системот исто така овозможува зголемување на брзината пред, односно на почеток на нагорниците до 4 km/h, ама не секогаш туку само во ситуации кога возилото ќе пресмета дека тоа има смисла, на пример ако со зголемувањето на брзината се избегне дополнително префрлување на менувачот во понизок степен при возењето на угорницата. На тој начин подобро е искористена и I-Roll функцијата.

За сето тоа да функционира како треба, унапреден е и I-See предикативниот темпомат, кој сега покрај размената на податоци со возилата кои веќе ја поминале таа делница, користи и прецизни топографски карти со точност за позиционирање до еден метар, со кои детално е покриена целата европска патна мрежа. Со тоа, I-See системот може точно да пресмета кога возилото ќе стигне на врв на нагорницата и според тоа да ги прилагоди брзината и степенот на пренос. Треба да се истакне и тоа дека картите се преземаат според потреба – најновите топографски податоци се пренесуваат преку мобилната мрежа за наредните 40 km во однос на моменталната позиција на возилото.

Пакетот Reloaded донесува уште две ограничувања – првото е брзината која е поставена на максимални 85 km/h, а второто се однесува на изборот на пневматици. Може да се бира уште и меѓу погонски оски со два различни преносни односи во диференцијалот, како и две варијанти на 13-литарскиот DC13K мотор со 420 и 460 KS. Но, за да не остане сé само на ограничувањата, треба да се спомене и подобрената топлинска и звучна изолација на кабината. Освен на удобноста, таа исто така има позитивно влијание и на потрошувачката на гориво бидејќи е потребно помалку енергија за ладење односно греење на кабината. Независно од сé, Volvo FH Reloaded е опремен и со гел-акумулатори, кои се полнат за 50% побрзо од класичните и имаат подолг век на траење дури и при целосно празнење. А за да се спречи тоа, втора новост е и двојниот пакет, односно раздвојувањето на акумулаторите посебно за стартување на возилото и за потрошувачката на уредите во кабината, со што се елиминира опасноста од нивно празнење при подолги стоења на камионот.