Убавец со ѕверско срце
Големиот избор на разни верзии на Volvo FH за долголиниски превоз ги става на мака транспортерите да се одлучат која изведба за нив е вистинската. Сепак на мал дел не им треба размислување – за нив 750-коњската изведба е она вистинското
Кога се појави новата генерација на серијата FH на Volvo, веднаш го сврте вниманието кон себе. Први го забележаа членовите на жирито за избор на интернационален камион на годината, кои му ја доделија ценетата титула. Транспортерите реагираа со задржување не затоа што FH не им се допаѓаше, туку затоа што им требаше време да се одлучат која негова изведба е вистинската за нив. Сега работите малку се појасни но и ден-денес времето потребно за одлучување на купувачите е исто, затоа што Volvo FH се нуди со четири кабини, два мотора секој со по четири различни силини, два типа на менувачи, два типа на задни мостови… На сите им се заеднички неспоредливиот комфор во кабината и економичноста во експлоатацијата, но сепак постои мала група луѓе кои воопшто не размислуваат што за нив е она вистинското – ним Volvo им го намени FH16 750.
Како што бројката во ознаката кажува, тој е опремен со досега најсилниот мотор на Volvo, D16K, кој дава огромни 750 KS и 3.550 Nm. Сета оваа чиста сила овој шестцилиндричен 16,1 литарски Euro 6 агрегат ја остварува при 1.600 до 1.800 вртежи во минута, но позначајно е тоа што максималниот вртежен момент е на располагање меѓу 950 и 1.400 вртежи, што всушност е рангот во кој тој работи економично. Вака широк, неговото ефикасно искористување дополнително се мултиплицира со 12-степениот ATO3512D I-Shift Overdrive менувач со двојна спојка која овозможува брзо, неосетно и удобно автоматско менување на степените без прекин на преносот на погонската сила. Тој може да биде опремен и со компактен забавувач, приклучок за давање погон, резервна пумпа за сервото на управувачот, ладител на маслото и следење на температурата на маслото. За ваквата трансмисија во комбинација со тандем заден мост со редукција во главчините на тркалата, Volvo има обезбедено сертификат за вкупна бруто маса и до 120 тони, таму каде законодавството го дозволува тоа.
Но и без него, јасно е дека FH16 750 е лидер во превозот на долги релации – не само заради тоа што е најсилен европски и глобален сериски произведен камион. Освен моторот кој својата сила ја користи умно не само за перформанси туку за поекономично возење, посебно на поизискувачките релации со голем број нагорнини на кои се искачува лесно како и автомобилите, во тоа му помагаат бројните електронски решенија што шведската компанија ги има. Јасно, тие се нудат и кај останатите камиони, но нивните вистински можности доаѓаат до најголем израз токму во комбинација со огромната сила на FH16 750. Таков на пример е I-See софтверот за штедење на горивото и далечинско следење на состојбата на возилото преку Telematics Gateway сервисот на Volvo, со кое се намалуваат трошоците за одржување и поправки и застоите заради нив. Секако, меѓу клучните одлики на новиот Volvo FH се и единствените системи за безбедност, кои ги има во голем број. Да ги споменеме сопирачката за развлекување на влечниот воз, приспособливиот темпомат со систем за предупредување од незгода со сигурносна кочница, поддршката за останување на лентата на возење, поддршката за менување на лентата, алармното светло на сопирачките, електронската програма за стабилизација и други. Интересен е и интелигентниот систем за алармирање кој го следи однесувањето на возачот. Доколку тоа се разликува од вообичаеното и тој покажува знаци на замор, тогаш системот предупредува со сигнал и порака на дисплејот, препорачувајќи да се направи пауза.
За самиот камион нема што многу да се зборува – секој што еднаш седнал во Volvo знае што е. Бидејќи суптилните детали ја прават целата разлика, Volvo кај овој модел на нив има посветено големо внимание. Внатрешноста се одликува со единствени панели на вратите, панели на ѕидовите, хромирани декорации, тапацир на креветот и дополнителни светла на вратата, што сето заедно создава чувство на луксуз во кабината. За возачот е наменето седиштето со посебен дизајн за тој зад управувачот да се чувствува величествено. Ова уникатно седиште достапно и во верзија со вентилација е со висококвалитетна кожа или комбинација кожа/текстил и дава првокласно чувство. И управувачот го дополнува чувството – моделот Raven кој е достапен само за FH16 е обложен со темна кожа со контрастни жолти шевови и суптилно одговара на внатрешната декорација и седиштата.
За D16K моторот на FH16 750 уште ќе кажеме дека му се потребни 42 литри масло кое се менува на секои 100.000 километри или еднаш годишно. Трансмисијата, пак, покрај со основниот може да се добие со уште пет специјални софтверски пакети за различни намени на возилото.