Асистенција за поголема ефикасност
Двата система на Volvo го означуваат почеток на роботизација кај машините за товарење и копање
Во Volvo се длабоко свесни дека веќе ја потрошивме втората деценија од 21 век. Времето кое неумоливо тече, диктира и адекватен развој на секое поле, а поготово тоа е изразено кај новите технологии. Ако ефиканоста на машините ја мериме според работните часови, станува јасно зошто производителите толку големо внимание посветуваат токму на овој параметар.
Водејќи грижа за времето кое го живееме, а истовремено и силно посветени кон технолошкиот развој, експертите на Volvo го креираа Co-Pilot системот. На прв поглед 10-инчниот 3D дисплеј воопшто не се разликува од мноштвото екрани чувствителни на допир кои ги среќаваме кај останатите машини. Но, едно големо „но“ се крие во софтверот кој од позадина мудро внимава на сите параметри на машината. Поточно кажано, несебично му помага на операторот во тек на работата, вршејќи ги притоа рутините наместо него, и употребувајќи ја машината на најсоодветен начин.
Во пракса тоа значи дека, на пример, ако треба да се натоварува одредена количина на материјал, преку екранот и се задаваат физичките параметрите на машината која потоа точно знае колку треба да зафати со корпата, на која висина да го подигне товарот, и на крајот да го натовари на одредено место. Се што треба операторот да направи е да управува со машината и навремено да ја притисне командата за копање и натоварување. За останатото се грижи Co-Pilot системот кој преку многубројните сензори ги добива сите потребни податоци, ги обработува и на крајот ги извршува зададените рутини притоа строго внимавајќи на економичноста и ефикансота на апликацијата.
Истиот систем вграден во ровокопач, повторно кристејќи ги сензорите и контролата врз хидрауликата, има можност да копа на одреден терен и тоа само на места и длабочини кои му се однапред мапирани. Штом се преминат тие параметри, кои патем кажано се прикажуваат во 3D формат, машината едноставно не ги прима командите од операторот.
Можностите на Co-Pilot системот може сликовите да се претстават како автоматско паркирање кај возилата од понов датум, но сепак оваа компарација не е до крај соодветна. Главната разлика се јавува во делот на оптимизирање на параметрите (вртежи на погонскиот мотор, притисокот во хидрауличниот систем, елиминација на празните одови, максималното полнење на корпата, …) кои се примарна цел на Co-Pilot системот.
Кога веќе се има во предвид капацитетот на овој засега најнапреден систем во идустријата, тогаш лесно може сите тие податоци да бидат сочувани на мемориска картичка или пак преку SIM картичка да бидат пратени во аналитички центар на понатамошна обработка.
Инаку и Load Assist и Dig Assist имаат систем за мерење на тежината на пренесениот материјал, а тој податок во реално време може да биде следен и од операторот или пак да биде мемориран.
Реторичкото прашање, дали ова е почеток на роботизирано оперирање со работните машини, се чини дека во Volvo веќе го одговорија. Работното место на операторот со тоа нема да биде загрозено, но за негова обука и евентуално погрешно користење на машината веќе нема да се дискутира.