Volvo на Bauma 2016

Повеќе е повеќе

Размислувајќи за потребите на своите клиенти пред и самите тие да ги сфатат, Volvo го искористи најголемиот светски саем за градежништвото да ги покаже своите нови производи и услуги


Перспективата на Швеѓаните на Bauma 2016 беше фокусирана кон големината. Раководени со идејата „повеќе е повеќе“, тие подготвија навистина големи новитети – во најбуквалната смисла на зборот „големи“. Затоа и ќе започнеме од најголемиот – гигантскиот 60-тонски зглобен дампер A60H. Тој недвојбено беше ѕвезда на салонот, a сите што биле или барем малку подетално го следеле најголемиот саем за градежништво во светот знаат што значи тоа – конкуренцијата за окупирање на вниманието на посетителите е огромнa, какви што впрочем се и изложените машини. И новиот модел е токму тоа – најголемиот досега од Volvo беше од 40-тонската категорија. А тој пак, како и целата G серија, доживеа значајни унапредувања – 25, 30 и 35-тонските модели сега имаат за еден тон поголема носивост, а гамата е проширена со A45G кој има носивост од 41 тон.

resize
Покрај зглобните дампери, Volvo Construction Equipment за Bauma 2016 подготви уште доста изненадувања. Вкупно 16-те новитети на број беа распослани на изложбен простор од 8.700 m² на кои за секој специјалист имаше по нешто интересно. Судејќи според бројот на луѓе што се врткаа околу нив, ултимативно големите багери гасеничари EC750E и EC950E, првиот од 75-тонската а вториот од новата 90-тонска категорија, беа во центарот на вниманието. И двата наменети за оние кои бараат бескомпромисна продуктивност и лесно справување и со најтешките работни задачи, од помалите модели ги имаат наследено сите главни карактеристики – издржливоста, подвижноста, безбедноста и ефикасноста во работењето, економичните мотори, лесното одржување и сервисирање…

tehnika_volvo_na_bauma-2013
Она за што никој немаше потреба да доаѓа на Bauma за да го дознае е посветеноста на Volvo CE на постојаниот развој на иновативни и продуктивни машини кои ќе им помогнат на клиентите полесно да се справат со сé постресното бизнис опкружување. Унапредената продуктивност како клучна порака која е испратена од настанот се согледува и од останатите машини претставени во Минхен – багерот на тркала EWR150E, мини багерот EW60E и неговите компактни роднини EC35D, ECR35D и ECR40D. Не беа заборавени ни утоварувачите чиј најнов член е L50H, ниту пак патната машинерија претставувана од единечните SD75B, SD115B и SD135B и двојниот валјак DD25B, како и со финишерот P4820D. На сите нив заедничка црта им е фокусираноста максимално да ги задоволат барањата на клиентите.

Во поглед на тоа беше претставен и новиот пристап како Volvo ќе ги нуди услугите и решенијата, што без дилема е тема за посебен осврт. Затоа сега само ќе кажеме дека новиот метод дава поголема јасност во однос на опсегот на понудени услуги и решенија, како и вредноста што тие ќе ја имаат врз бизнисот на корисниците.

114560_2_preview