Volvo P7820D (ABG) – Финишер на гасеници

Асфалтирање со испеглан финиш

Изграден со високо-перформантни компоненти, финишерот P7820D е дизајниран за зголемена продуктивност при истовремено намалување на потрошувачката, бучавоста и оперативните трошоци

Volvo веќе има насобрано искуство од над половина век во иновативен инженеринг при производството на поставувачи на асфалт. Тоа искуство се огледа при конструирање на секоја нова серија машини кои мора да ги задржат основните особини: доверливост и долговечност. Како огледало на тој пристап може да послужат финишерите P6820D/ P7820D кај кои доминира дизајнот на едноставно оперирање кој притоа овозможува максимална ефикаснот. Водењето грижа дури и за најситните детали при што операторот се поставува во средиштето на апликациите, е уште еден доказ за амбициите на Volvo да се позиционира на самиот светски врв. Следната генерација на Electronic Paver Management системот заедно со Settings Manager максимално ќе му го олеснат животот на работникот задолжен за управување и подесување на машината. Целиот процес на работа се контролира преку командната табла и преку крајно едноставните кружни подесувачи.

Зголемена ефикасност со помалку потрошена нафта

Општиот тренд кај работните машини е намалување на потрошувачката на гориво со истовремено зголемување на ефикасноста. Исполнувањето на се построгите еколошки норми врши додатен притисок врз конструкторите, но тие и така природно доаѓаат со зголемување на ефикасноста на моторот. Според добриот стар принцип Volvo во своите машини вградува Volvo мотори. Изразено во бројки тоа значи 238 КС при 1.800 врт/мин произведени од осум линиски поставени цилиндри. Исполнувањето на Epa Tier 4 Final стандардите оди заедно со внимателното трошење на нафтата. Би било фер да се споменат и инженерите кои работеле на останатите компоненти како на пр. хидрауличниот систем, механиката на поставување и пеглање на асфалтот, електроничарите кои го дале својот несебичен придонес во постигнувањето на врвните перформанси на P7820D.

Строго контролирана механика

Во основа на финешерот е трактор кој е поставен на гасеници. Вкупната работна тежина на оваа конструкција изнесува 14.900 kg. Кога на неа ќе се додадат сите специфични системи се добива современ финишер со импресивни можности. Префрлувањето во областа на нумеричките вредности на тие капацитети ќе ни даде вистинска слика за P7820D. На предната страна е поставена хранилка на која камионите со асфалт може да истоварат материјал до тежина од 13.5 t. Преку системите за транспорт до задниот дел, потоа распределувањето, поставувањето и пеглањето, ја претвараат гомилата истоварен асфалт во фино поставена површина со совршена мазност.

Основната широчина на машината која изнесува точно три метра, во основна конфигурација може да постави асфалт со широчина од пет метри. Кога странично ќе се монтираат екстендерите (се испорачуваат како посебни додатоци) максималната ширина на поставениот асфалт се искачува на цели 11 метри. Дебелината на поставениот слој може да изнесува до 300 mm што се смета за граница без поставување на мрежи за стабилизирање на дебелиот слој асфалт. Брзината на поставување на асфалтот од 900 тона на час повеќе зависи од брзината со која ќе се полни хранилката отколку од капацитетите на обработка на истиот. Поинаку кажано, за да се искористи полниот капацитет на финишерот потребно е еден камион секогаш да чека на ред за полнење на хранилката.

Прегледноста како услов за ефикасност

Зад целиот процес на поставување на асфалтот стои совршена организација на работата. Најпрвин тука е работното место на операторот кој има совршен преглед на ситуацијата. Потоа се системите Settings Manager и Electronic Paver Management. Првиот овозможува подесување на сите параметри на машината со можност на меморирање на претходниот сетинг за да може да се продолжи на исто место каде што е и застанато последниот пат. Откако тоа ќе биде направено, вториот систем го превзема надгледувањето врз квалитетот на извршување.

Двете командни табли поставени на ниското плато на левата и десната страна на задниот дел исто така имаат задача за командување со посебните функции а целиот процес е будно следен од сеприсутните сензори.Одлично организираното работно место на операторот (има дури и грејачи на седиштето) е пропратено со одлична видливост на сите страни па дури и на сите компоненти на финишерот. Во случај на намалена видливост, на операторот ставен му е на услуга сет од LED светла а исто така може да се набават и посебни светла во форма на „печурка“ кои се препорачливи за реони со намалена видливост преку целиот ден.

Посебно внимание конструкторите имаат посветено и на едноставното одржување при што работата на P7820D може да се следи од сервисен центар на Volvo. Поради спецификите на работата одведувањето на топлината и обезбедување оптимална температура се смета како еден од основните предуслови за ефикасно извршување на дадените апликации. И се разбира, и тој момент е решен на најдобар можен начин.