Volvo Trucks

Формула за успех

Кога некој е успешен, обично се бара тајната формула за тоа. Во градежништвото формула за успех постои, но не е тајна

Градежништвото во Република Македонија е во подем. Носител е на растот на економијата, бруто општествениот производ, инвестициите… Со градежништво кај нас се занимаваат многу фирми – големи и мали, стари и млади, познати и непознати. Сите себе си се сметаат за успешни, но само мал дел навистина се тоа, барем во континуитет откако постојат. Причините лежат во самата дејност која треба еднакво ефикасно да одговори на разновидни проекти со различен, главно помал обем на работа, како што диктира од пазарот. Во такви услови ретки се тие кои успешно се носат со сите предизвици и еднакво квалитетно, брзо и конкурентно можат да одговорат на сите барања што ги поставуваат клиентите.

За да ја дознаеме формулата за успех во нашето градежништво, ѕирнавме во портфолијата на две такви компании – Градба Промет од Кавадарци и Зобек Мајнинг од Скопје. Иако заслугата за постигнатото и успехот зависи од повеќе, а не само од еден фактор, нас нé интересираше што е тоа што им е заедничко на овие две слични но сепак различни наши навистина успешни компании во градежништвото. Лесно го откривме затоа што флота нови возила не може да не се забележи – и двете неодамна набавија кипери од марката Volvo. Одлуката падна на робусниот FMX, нормално со четири оски – тие се закон за градежниците заради својата оптимална избалансираност меѓу капацитетот и флексибилноста да одговорат за различни работи. Инаку, Volvo на купувачите им го нуди FMX како сол камион со две, три, четири или пет оски или како влекач со две или три оски. Погонот може да биде само на една или повеќе оски, исто и управувањето. Во тоа значително помага и системот за динамичко управување, кој освен што ја намалува силата потребна за вртење на воланот за 85%, го олеснува возењето наназад и значително подобрува маневарските способности. На тоа пак се надоврзува и задната тандем оска што се крева, со што потрошувачката се намалува и до 4%.

За моторите на Volvo нема што многу да се зборува – сите се моќни, со голем вртежен момент и ефикасни. На располагање се дури осум – четири 11-литарски D11 со силина меѓу 330 и 450 KS и четири 13-литарски D13 во распон од 420 до 540 коњски сили. И изборот на менувачи е голем, а одлична комбинација е 12-степениот I-Shift со автоматски систем за менување на степените на пренос. Значајна предност кај него е што може да се набави со пет различни софтверски решенија за различни доминантни услови за работа. На сето ова се надоврзува и изборот на различни оски со различна носивост и преносен однос и типови ослонување за нив, а погонскиот пакет се заокружува со напредните дополнителни системи, како што е автоматската контрола на силата на влечење.

Но што и да се избере, едно се добива без да се побара – тоа е робусноста. Volvo FMX е создаден за работа и секој детаљ на него е направен во согласност со тоа. Така, челичниот браник е обложен со полипропилен и без проблем издржува и силни удари. Составен е од три дела и има лесно достапни завртки кои дозволуваат самите да го замените секој оштетен дел, заштедувајќи посета во сервис и зголемувајќи го времето во возна состојба. Централниот уред за влечење е направен од лиено железо и може да влече до 32 тони под максимален агол од 15°. Светлата се поставени повисоко каде што веројатноста да бидат оштетени е помала, а можат да бидат заштитени со два типа тврдокорни штитници. Системот за предна заштита од навлегување под камионот ги штити патниците во автомобилите во случај на судар, а долната заштитна плоча од 3 милиметри го чува подвозјето – картерот, цревата и ладилникот на моторот. Со него сè што може да се оштети при возење надвор од патот е заштитено, дури и при движење наназад.

Мислено е и на возачот, кој заради природата на работата често влегува и излегува од кабината, која е на располагање во 4 различни изведби. Ниското влезно скалило на склопување прави тоа да биде побрзо, а неговата конструкција против лизгање го прави безбедно. Тенките држачи на ретровизорот даваат одлична видливост напред, а високо поставениот влез за воздух го подобрува погледот при движење наназад. Внатрешноста е пространа, комфорна и отпорна на прашина и оштетувања. За крај, тука се и бројните достапни опции за прилагодување на потребите и сервисните пакети. Најзначајно во целата приказна сепак се условите и разните можности за финансирање под кои возилата се набавуваат, кои се прилагодени на барањата на клиентите. Volvo Trucks Македонија како компанија сите овие 18 години од своето постоење ги има посветено на проширување на бизнисот, постојано усовршување на стручниот кадар и набавка на опрема за брзо и ефикасно извршување на сервисните задачи – од оние редовните до најтешките зафати. Клиентите тоа добро го знаат и заради тоа оваа компанија е лидер на македонскиот пазар на тешки товарни возила.