Workhorse W-15

Конечно некој се сети и на ова!

Американската компанија Workhorse Group го предизвикува светот со своите електрични пикапи

Навистина е чудно зошто досега никој од големите производители на возила не направи електричен пикап, бидејќи оваа категорија возила е како предодредена да се носи со сите проблеми со кои се соочува електрификацијата на транспортот – имаат доволно капацитет и простор за тешките батерии, динамиката на користење по правило е рутинска и повеќе или помалку ограничена на мала дневна километража, а нивните сопственици живеат или работат на места на кои без проблем можат да се инсталираат уреди за ноќно полнење. Плус на сé и доста се популарни, посебно во Америка каде лани 15% од сите 18 милиони продадени возила беа пикапи и со години, да не кажеме децении наназад се наоѓаат на првите три места на најпродавани возила од сите категории.

Но ете, така е – Ford, General Motors и Chrysler очигледно доста добро ги продаваат своите адути во оваа категорија со големи пред сé бензински мотори и воопшто не ги интересира што тие добро ќе се снајдат и со електрично срце. Токму во оваа нивна инертност својата шанса ја виде американската компанија Workhorse Group. Таа постои од 1998 година и е специјализирана за електрични работни возила. Моделот што сакаме да ви го претставиме првенствено е наменет за големи флотни купувачи. Има ознака W-15, двојна кабина со пет седишта и за секој случај бензински мотор за продолжување на автономијата. Два електромотора ги задвижуваат двете оски, со што на возилото му се додаваат теренски способности, што и не е некој битен услов за американските купувачи бидејќи таму сите пикапи и теренски возила, дури и најголемите, стандардно доаѓаат со погон само на еден пар тркала. Моќноста од 460 коњски сили е доволна дури за спортски карактеристики и забрзување до 60 милји на час (96 km/h) за 5,5 секунди, додека литиум-јонските батерии по потекло од Panasonic се сместени во подот под седиштата и му обезбедуваат автономија од 80 милји (130 километри). После тоа се вклучува помошниот мотор со внатрешно согорување кој ја произведува струјата потребна за задвижување на овој пикап. За зголемување на практичноста возилото е опремено и со приклучок преку кој од своите батерии обезбедува струја за надворешни потрошувачи, што е како порачано за места каде нема електрична мрежа или во случај на инцидентни ситуации.

Другите спецификации горе-долу му се типично американски – должината му изнесува скоро 6 метри, ширината нешто над два, а висината нешто под 1,9 метри. Има меѓуоскино растојание од 3,6 метри и клиренс од добри 30 сантиметри. Максимално дозволената тежина е декларирана на 3,3 тони, има носивост од еден тон и може да влече приколка од 2,3 тони. Шасијата му е направена од нерѓосувачки челик со зголемена цврстина, а каросеријата од композитни материјали и засилена со јагленородни влакна. Внатрешноста иако малку стерилно обработена, е опремена со сé што се очекува од едно модерно возило. Цената не е докрај дефинирана но се калкулира со 52.500 долари, а првите испораки на купувачите се очекуваат во текот на идната 2018 година. Заради покажаниот голем поединечен интерес, компанијата размислува за лансирање и верзија на овој пикап наменета за општа продажба.