Würth опрема за заварување

Блиску, поблиску…

Кога ќе споменеме Würth може да помислиме на доста работи, но најчесто не и на опрема за заварување. Сепак вистина е – апаратите, маските и потрошниот материјал за заварување се дел од програмата на сенаменскиот германски производител

Навистина, ретко кој би очекувал од Würth да нуди и опрема за заварување дури и да знае дека денес оваа семејна германска компанија основана пред седум децении има годишен промет од околу 10 милијарди евра што го остваруваат повеќе од 400 претпријатија колку што се во нејзин состав. Не би ни побарал, но така е – опремата за заварување е дел од програма на сенаменскиот германски производител. Таа всушност претставува логично проширување на основна дејност тргување со монтажна опрема и елементи за прицврстување. Како и сé друго кај Würth, и оваа програма е обемна и сеопфатна но ние за претставување ќе избереме пар типични претставници кои најмногу одговараат на потребите на клиентите во Македонија.

Ќе започнеме со уредите за рачно електролачно заварување EWI 160 и 200. Бројката кај овие дигитално контролирани инвертори со можност за заварување со REL и опционално TIG постапка ја означува нивната максимална струја на заварување – 160 односно 200 А. Се карактеризираат со систем за исклучително добро ладење со два вентилатори, а имаат и термоизолација од H класа која овозможува работа на електрични компоненти до 180 °C. Најновата IGBT технологија овозможува непречена работа и при големи флуктации на напонот – со генератори или пак на нестабилни струјни инсталации, а малата вредност на референтната струја и кај инсталации со осигурачи од 16 А (20 кај посилниот модел). Arc-Force технологијата која го зголемува напонот на електричниот лак во критични ситуации оневозможува продирање на троска во растопот и гаснење на лакот, што дава можност за работа со тешко топливи електроди. Hot-Start функцијата обезбедува сигурно палење на електродата, а нејзината енергија автоматски се подесува според избраната струја на заварување. Тука е Anti-Stick особеноста која спречува лепење на електродата на работното парче со автоматско намалување на струјата на заварување, а посилниот EWI 200 инвертор има можност за работа со целулозни електроди со избор на посебен режим на работа кој овозможува поголем напон на отвореното коло и полесно започнување на шевот.

Од техничките карактеристики на EWI 160 би ги издвоиле интермитенцијата на 160 А и 40, односно 25 °C која изнесува 20 односно 40%, додека интермитенцијата на 72 А и 40 °C и 130 А и 25 °C во обата случаја е 60% Класата на заштита е IP 21S, напонот на отвореното коло 75 V, а минималната потребна моќност на генераторот 8 kVA. Пречникот на електродата за REL постапка е 3,25 односно 4 mm кај краткотрајни заварувања, а за TIG постапка од 1,0 до 2,4 mm. Должината и пресекот на каблите за маса и електроди се 3 m и 16 mm². Тежината на целиот апарат изнесува само 4,6 kg, а димензиите му се повеќе од скромни: 38×12×25,5 сантиметри. Поголемиот EWI 200 се разликува по интермитенцијата која ги има истите вредности но на 200 А и 40 °C, 200 А и 25 °C, 115 A и 40 °C и 160 A и 25 °C соодветно. Напонот на отвореното коло му е 70 V, минимално му треба генератор од 10 kVA, а работи со електроди за REL постапка со пречник од 4 односно 5 mm кај краткотрајни заварувања и од 1,0 до 3,2 mm за TIG постапка. Должината на каблите е иста, но заради посилната струја нивниот пресек е 25 mm², тежи 4,7 kg а ги има истите димензии како и EWI 160. И двата модела се испорачуваат во пластичен куфер, со држач за електроди до 200 А, штипка за маса до 300 А и опционално со заварувачка количка, LIF-TIG кабел и кабли за маса и електроди од 4 метри. Благодарејќи на цврстата и практичната изработка идеални се за теренска работа, а специјалната навлака на вградените електронски делови обезбедува голема отпорност на топлина, студ, прашина и друго. Плус на сé, издржуваат и паѓање од висина на работна маса.

За разлика од електролачната (со која се заварува само челик) и TIG постапката во заштита на инертен гас (челик, бакар), апаратите за заварување со MIG постапка исто во инертен гас можат да работат и со алуминиум. Изразените предности на оваа технологија (големата брзина на заварување, минималните поправки – нема симнување на троската, континуирано нанесување на електродната жица без прекини во работата за промена на електродата, високата економичност, помалите топлински деформации и друго) придонесуваат таа денес да биде најчесто употребувана метода за заварување, а широкиот обем на материјали кои можат да се заваруваат ја прави универзална. Таков универзален е и MIG 180-5 апаратот на Würth кој работи и со електролачна и TIG постапка. За MIG заварување во заштитна атмосфера на инертен гас (со 2 или 4 такта) користи жица во котури од 5 kg, а No Gas функција му овозможува заварување со полнета жица без дополнителен гас. Предвиден е и за теренска работа за што му е потребен агрегат од 10 kVA, а еуро приклучокот со Abicor Binzel MB 15AK горилник е стандарден. Максималната струја на заварување е 180 А, интермитенција на 40 °C е 25%, додека 60% се добиваат со струја од 140 А. Напонот на отвореното коло е 65 V, влезната силина 7,4 kVA, а може да работи на инсталации со 20 А осигурувач. Максималниот пречник на жицата што ја користи изнесува 1,0 mm, тежок е 14 kg, а има димензии од 50×22×38 cm.

Бидејќи во Würth посебно внимание се посветува на заштитата при работа и заштитните средства без кои заварувањето е незамисливо и неизводливо, во продажната програма се среќаваат и голем број додатоци, од кои ние сега само накратко ќе ги погледнеме автоматските маски Stella, Ignis и Veldo со подесување DIN 9-13. Нивни карактеристика се големиот степен на максимална заштита и ергономичните форми за сигурна и пријатна работа при што двете раце остануваат слободни во текот на заварувањето. Stella и Ignis имаат по четири оптички сензори со брзина на автоматско затемнување од 1/30.000 секунди, а Veldo два од 1/25.000 секунди. Видното поле на првите две е 95×55 mm а на третата 88×43, напојувањето со соларни ќелии а дополнително Stella и Ignis имаат и по две незаменливи литиумски батерии со животен век од 5 до 7 години. Направени се од висококвалитетна пластика отпорна на кршење и ги задоволуваат сите стандарди. Тешки се околу половина килограм, а можат да се користат и за брусење. Во зависност од моделот доаѓаат во повеќе бои и дизајни, од кои некои се вистинско уметничко дело.