Кога големината не е предност
Yanmar во својата понуда има мали и интересни ровокопачи
Кога се купува нова машина, секој стопанственик гледа таа да биде што е можно поголема и поефикасна, да заврши повеќе работа за пократко време. Но постојат работи каде големината не е предност, некои дури и кога таа е пречка воопшто да се заврши. На пример копањето канали за кабли во урбаните средини. Секако дека и голем багер ќе ги ископа, но колку притоа ќе мора да работи непотребно бидејќи и сосема мал канал ќе биде доволен? Да не споменуваме дека површината на кога ќе се работи мора да се врати во првобитната состојба – да се асфалтира, наново наредат бекатонските плочки или било што. Некогаш пак и воопшто нема да биде можно да се употреби голема машина – заради неможноста за нејзин пристап до локацијата или некаква инфраструктура која не смее да биде отстранета за да се заврши работата.
Тука на сцена стапуваат малите машини чија ефикасност не е во кубните метри на час што можат да ги ископаат. Нивната ефикасност лежи во карактеристиките што ги дефинираат – колку се помали, толку подобро. Yanmar на ова поле е познат играч. Сите машини за градежништвото што ги прави оваа јапонска компанија се од мали помали. Вклучително и ровокопачите, чија понуда во Европа се состои од шест модела поделени во две серии. За ова прикажување избравме два – SV16 и SV18 кои се меѓу поголемите. Но сфатете го тоа условно, бидејќи помалиот од нив има транспортни димензии 3.450x980x2.240 mm. Тежи 1.590 килограми со платнен покрив или 140 повеќе ако е со кабина, а е задвижува од мал трицилиндричен мотор со 16,5 коњски сили. Тие се доволни да го потераат со брзина едвај со човечки од, но и на стрелата да ѝ испорачаат сила од 13,7 kN. Најзначајно е што овој минибагер може копа до длабочина од дури 2, односно 2,2 метри, да кипа од височина од 2,44 односно 2,58 метри и да се сврти во простор со дијаметар помал од 2 метри. Местото за операторот е едноставно, прегледно и функционално, така што на сите карактеристики на SV16 може да им се додаде и лесното и прецизното ракување. Хидрауличниот систем со централна пумпа е издржлив, а самата работа тивка. Одржувањето е едноставно и евтино, а таква е и цената која започнува од само 19.990 евра, што секако е факт што ќе привлече сечие внимание.
Поголемиот модел е малку погабаритен – подолг е за дваесетина сантиметри, а другите димензии му се исти. Тежината му е поголема за 240 килограми и иако има нешто послаб мотор од 12,9 коњски сили тој му испорачува 15,2 kN. Длабочината на копање до која може да досегне е 2,42, а височината на кипање 2,74 метри. Другите работи помалку или повеќе се исти, вклучувајќи и ги периодите на замена на моторното масло и филтерот за него на секои 500 часа, на филтерот за гориво на 250, на хидрауличното масло на 1.000 часа, на неговиот филтер на половина од тоа, а на антифризот на секои 2.000 работни часа.