Yanmar SV26

Најдоброто од трите света

Нашето водостопанство умно избра тоа што му треба – малите багерчиња се подготвени да се покажат во вистинско светло

За компанијата Yanmar имаме слушаме само попат, најчесто како производител на дизел моторите кои се вградуваат во малите машини. Тоа се нејзините корени кои потекнуваат од Јапонија и датираат од пред повеќе од еден век, време за кое со воздржана развојна стратегија има стигнато и до Европа, каде меѓу другото во нејзин состав функционира и фабриката во Франција. Основана како заедничка инвестиција со швајцарската група Ammann, таа денес е европска рака на јапонската група специјализирана на купувачите да им понуди тоа што им треба, а не се ни свесни дека постои. На пример мини-багерчињата со гасеници кои со својата големина колку играчка успеваат да завршат работи во ектра-тесен простор. Или пак моторизираните колички за превоз на материјали и подвижните – така да ги наречеме – бандери со рефлектори и сопствен извор на напојување кои ноќта ја прават ден.

Производи на Yanmar европското одделение има уште, иако не се пошироко познати. Иако компанијата располага со сосема нова фабрика во која со значајни инвестиции е модернизиран целиот производствен процес способен да произведе 30 машини на ден, пазарот уште го нема целосно откриено. Затоа оние што знаат максимално ќе уживаат во бенефитите на производите на Yanmar Construction Equipment Europe S.A.S., како што му е полниот назив. Еден од нив е и Водостопанство на Македонија, кое веќе набави седум единици од според класификацијата на оваа компанија средно-големото багерче SV26 и ги распореди на дежурство по работните единици ширум земјава.

Спаѓајќи во класата од 2 до 5 тони, овие машини се олицетворение на совршената комбинација меѓу компактноста, поливалентноста, стабилноста и високите перформанси. Идеални за урбани работни места, нудат различни решенија за да секој може да биде сигурен дека ја пронашол соодветната машина за решавање на секој работен предизвик. Моделот SV26 има оперативна тежина од 2.600 килограми. Може да биде опремен со гумени или челични гасеници, како и со кабина. Подготвен за транспорт има должина од 4,25 метри, широчина од 1,55 и височина од 2,435 метри. Длабочината до која може да копа е цели 2,735 метри, а височината до која стрелата може да допре е за 10 сантиметри поголема. Просторот во кој може да се сврти е за жилет поголем од неговите димензии, но затоа силата на кинење му изнесува 24,52 kN. Неа ја обезбедува трицилиндричниот дизел мотор од 1,3 литри со 24 коњски сили, кој како противуслуга ќе побара 4 литри гориво на час. Оние кои сметаат дека и тоа е многу ќе можат да го опремат со систем кој ги редуцира вртежите ако повеќе од 4 секунди од него не се бара да работи. Ако пак запне до крај, ќе постигне максимална брзина од пешачки 4,8 километри на час.

Од Yanmar за него ќе додадат уште и дека потребите за одржување му се минимални, дека хидрауликата му е издржлива, дека може да работи дење-ноќе сé додека има некој што може да седне во него и да се фати за прецизните команди. Може да биде опремен со различни видови корпи, за секоја работа по една, како и со преден или заден плуг. Нашето водостопанство си избра тоа што му треба. Малите багерчиња се подготвени да се покажат во вистинско светло.