Доделени наградите на најдобрите за 2019-та

Kамион, автобус и ван на годината

На крајот на секоја година се делат наградите на оние кои ќе ја одбележат идната

А кога зборуваме за новиот влекач Ford F-Max, тоа сигурно ќе се случи. Затоа и специјализираното жири го избра за камион на 2019 година. Овој турски производ лесно ги убеди 23-цата новинари кои се членови на жирито да му дадат 126 бода, со кои ги остави зад себе другите двајца претенденти за титулата – Scania Urban серијата градски камиони и обновената гама камиони Volvo FH/FM задвижувани со втечнет природен гас (LNG). Согласно правилата, меѓународното жири при своето оценување зема предвид неколку важни критериуми – технолошките иновации, комфорот, безбедноста, однесувањето на патот, економичноста и трошоците за сопственост.

И автобусџиите си имаат своја награда, која годинава отиде во витрините на Mercedes-Benz за еколошкиот Citaro Hybrid. Овој градски модел на германскиот гигант ја спечали значајната титула „Автобус на годината“ собирајќи најмногу бодови од гласовите на жирито кои претставуваат 22 европски држави. Соперници му беа иновативните Heuliez GX Elec и Irizar ie-Tram, чиј електричен погон не можеше да се спротивстави на предностите на хибридната дизел технологија. Посебно не кога доаѓа од марка како што е Mercedes и кога е вградена во еден бестселер како што е Citaro. Покажувајќи се во најдобро светло, тој со своите предности го заштити реномето што го има на најпродаван градски автобус во светот на сите времиња, со преку 50.000 испораки. Лесниот паралелен хибриден систем му ја намалува потрошувачката за 8,5%, а енергијата место во батерии ја чува во ултракондензатори. Изненадување беше и тоа што беше потивок од неговите електрични конкуренти!

Уште пред да се појават во продажба, тројцата мускетари на PSA ја освоија првата награда – и тоа не било која, туку престижната International Van of the Year 2019. Трите компактни вана имаат иста механика но се разликуваат дизајнерски и во детали специфични за секоја марка. Меѓународното жири во кое членуваат 25 специјализирани новинари во своето гласање им даде 127 бода, за 35 повеќе од новиот Mercedes-Benz Sprinter, додека третото место му припадна на Ford Transit Connect. За годинешната титула која се доделува од 1992-рата, се бореа уште и електричниот Renault Master Z.E. и новиот Ford Transit Courier. Групата PSA досега ја има спечалено оваа награда пет пати.