Германија

Повисоки плати за градежниците

► Околу една четвртина од градежните работници во Германија ќе добијат повисоки плати

Синдикатите и работодавците во Германија се сложија – се зголемува минималната плата во градежништвото. Така, помошните работници од април ќе добиваат по 12,55 евра на час, што е за 35 центи повеќе, а квалификуваните работници по 15,40 евра во западниот дел од земјата односно 15,25 евра во Берлин, што е зголемување за 20 центи. Во источниот дел од Германија минималните плати во градежништвото не се регулирани.

Иако на месечно ниво многу мало, ова зголемување сепак има битно значење – да го сопре трендот на намалувањето на надниците во овој сектор предизвикано од фирмите кои со ангажирање работна сила од другите земји на унијата настапуваат со дампинг цени. Според податоците на синдикатите, ова зголемување ќе опфати дури 200.000 работници од вкупно 820.000 колку што во Германија работат во овој сектор. Новите минимални плати ќе важат до крајот на 2020 година.