Доставни возила

Затишје пред бура или прегрупирање на силите

Во моментов на пазарот на доставни возила владее затишје, но само привидно – во позадина сите подготвуваат нешто ново

Следејќи ги активностите на производителите на доставни возила се добива впечаток дека во моментов во оваа категорија на пазарот не се случува ама баш ништо. Изостануваат бомбастичните најави за новитетите што претстојат како кај другите комерцијални сегменти, па дури ги нема ни вестите за редовно обновување на гамите на производителите. Но целиот овој застој е само привиден, бидејќи сите играчи во овој сегмент – познати и непознати, големи, не толку големи и оние што допрва сакаат да се вклучат во нивната лига, подготвуваат по нешто ново. Така, во согласност со стратегиите што ги имаат за иднина, притаено, дури би рекле и срамежливо, некако скришум, до нас допираат вестите за она што треба да го очекуваме.

Да започнеме со Ford, кој е најголем добавувач на доставни возила во Европа. Тој суверено владее во овој сегмент благодарејќи на долги децении стекнуваниот имиџ и сеопфатноста на гамата што ја нуди. А таа, веќе од порано знаеме, треба да биде проширена и со хибридни верзии на познатите модели. Прв што ќе загази на овој нов терен ќе биде големиот Transit. Нему веќе му е време за обновување кое Ford ќе го искористи да го промовира и новиот хибриден модел со дволитарски EcoBlue мотор и 48 V mild-hybrid технологија. Поедноставена заради природата на возилото, електромоторот е поврзан со коленестото вратило со каиш и на моторот му помага во одредени услови испорачувајќи му екстра коњски сили и вртежен момент, со што се обезбедуваат подобри перформанси и помала потрошувачка. Батеријата која засега е со скромен капацитет освен тоа ги напојува и помошните електрични уреди. Заради целокупното технички решение, оваа верзија на Transit ќе се нуди исклучиво во комбинација со мануелен менувач. Покрај засега скромната електрификација, новата генерација на Transit ќе добие и нови конективни можности, со што ќе се зголеми употребливоста на возилата и ефикасноста на искористувањето на флотите со кои ќе располагаат транспортерите. На Transit како пионер во оваа област набргу ќе му се придржи и Transit Custom со plug-in хибридна технологија која комбинира бензински еднолитарски EcoBoost турбо мотор и електропогон кој ќе го задвижува возилото. Овој модел би требал на своите сопственици да им понуди целосно електрични 50 km.

За разлика од Ford, кинескиот Maxus допрва треба да се докажува, иако корените му задираат во минатото до британскиот производител LDV, кој сé уште е добро познат на пазарите каде беше присутен. Сега сепак работите стојат поинаку – после еден краток и неплоден период кога LDV беше во сопственост на рускиот GAZ, оваа компанија сега е под владение на кинескиот капитал претставуван од моќната SAIC корпорација. Поучени од туѓи искуства, Кинезите не брзаат со наново докажување на марката, која освен новото име Maxus сега има и нова стратегија, барем за изискувачките западни пазари. Не е тешко да се претпостави дека таа е базирана на електриката, која инженерите на SAIC ја развиваат подолг период. Сега во предвечерието на лансирањето на електричниот Maxus во Европа, конечно стигнаа и некои конкретни податоци за него. Под ознаката EV80, тој ќе биде понуден во четири различни изведби, од кои можеби најинтересни се фургоните со нормален и повишен покрив со зафатнина на просторот за товар од 10,2, односно 11,5 m³. Трета верзија ќе биде камионетот на истата шасија, а четврта минибусот со девет седишта. Сите ќе бидат задвижувани од електричен мотор со засега непозната силина, а пакетот батерии со кои стандардно ќе се испорачуваат ќе им овозможи автономија од 200 километри. Максималната носивост е поставена на 950 kg, а цената на 47.500 евра плус давачки. За почеток ќе се продаваат само во Германија, Австрија и Холандија, со гаранција од 5 години или 100.000 километри.

Mercedes, пак, како добро докажан глобален предводник на трендовите, истапува со нешто сосема различно. Радикалноста на ова што го гледаме не спречува да даваме било какви најави, освен оние што ги истакнаа одговорните од Штутгарт, а тоа е дека концептот со ознака Vision Urbanetic е нивно решение за урбан превоз на луѓе и стока. Автономен и електричен, секако, тој располага со платформа со променливи модули за секоја задача посебно. Така, ова возило долго 5,14 метри наутро може да биде комби што ќе ги довезува вработените на работа, во текот на денот канцеларија, ноќта фургон за достава на стока, а за време на викендите мултинаменско возило за провод на семејството и пријателите во природа. Доставниот модул има обем на просторот за товар од 10 кубни метри, а минибус-решението капацитет за 12 патници. Идејата на целиот концепт е базирана на флексибилната платформа која ќе служи како шасија на која можат да се менуваат модулите според потребата. Простор за возач со команди за управување нема, а за полесна замена на модулите која трае само неколку минути тркалата со специјален хидрауличен механизам се рашируваат. За ова свое возило Mercedes има замислено и други идеи, посебно во поглед на технологиите, кои како и основната негова идеја, се дебело футуристички.

Од друга страна, пак, Toyota која е светски лидер во автомобилското производството, дебело каска зад сите кога се во прашање комерцијалните возила. Нејзините активности во Европа се сведени на просто присуство во овој сегмент – колку да се каже дека постојат. Во матичната Јапонија се нешто поактивни, но не многу. Нивниот најнов новитет од оваа област е специјална изведба на Hiace по повод неговата 50-годишнина. Моделот всушност се има појавено во октомври 1967-мата, значи пред 51 година, но тоа не беше пречка Toyota да го наполни со луксузни додатоци и да му одреди соодветна цена – од 32.000 евра па нагоре. За тие пари се добива доста кожа, хром, благородно дрво и нешто малку современа технологија. Лизгачките врати се електрични, ЛЕД светлата стандардни, а моторот е по избор – 2,0 или 2,7 литарски бензински или 2,8 литарски дизел. Трансмисијата во секој случај е автоматска со 6 степени, а погонот на предните или сите четири тркала. Оваа петта генерација на Hiace се произведува уште од 2004 година, а идната се очекува секој момент.