Ама патувањето од таму до тука е сé пократко
Копнената рута сé попривлечна за кинескиот извоз во Европа
Блокадата на Суецкиот канал уште еднаш го сврте вниманието кон копнената железничка рута од Кина до Европа која веќе некое време успешно функционира. Оние кои ја следат меѓународната трговија знаат и за друг проблем – недостатокот на контејнери. Сето ова, заедно со секогаш присутната опасност од поморските пирати, го прави превозот на стока по копнен пат низ Русија и централноазиските држави привлечна алтернатива за кинескиот извоз. Според информациите на транспортната индустрија, во првите два месеца годинава од Кина во Европа се испратени повеќе од две илјади товарни возови, што е двојно повеќе отколку во истиот период лани. И не само тоа – мината 2000-та година железничкиот товарен промет од Кина до Европа е зголемен за 50 отсто, а од 2016 до денес за седум пати. Според експертите, главната причина за ваквиот силен раст е зголемувањето на трошоците за поморски превоз. Но сепак уделот на стока која се превезува со железница во вкупниот кинески извоз е занемарлив – само од пристаништето во Шангај и само во јануари се испратени околу два милиона контејнери, во споредба со вкупно 209 илјади железнички контејнери во првите два месеца годинава.