Револуција во градежништвото

Свитлив еколошки бетон без цемент

► За овој тип бетон потребно е помало количество енергија за производство, а намалени се и емисиите на јаглен диоксид кои се испуштаат при тоа

Бетонот е градежен материјал кој најмногу се употребува благодарение на својата висока цврстина на притисок која го прави неверојатно силен. Но, негов голем недостаток е што е крут, односно не може да се свитка. Како предизвик на тоа, научниците и индустријата во последните неколку децении се обидува и успеаја да направи свитлив бетон чии карактеристики сé уште се подобруваат. Најновата вест за напорите на ова поле дојде од австралискиот Свинбарн универзитет каде истражувачите дополнително го подобрија неговиот „рецепт“ без содржина на цемент, кој е голем загадувач на животната средина. Тоа е посебно битно бидејќи за производство на свитлив бетон се потребни високи температури, се трошат огромни количини енергија и се исфрлуваат големи количини штетни гасови. Новоразвиениот бетон во потполност е без цемент наместо кој се користат индустриски отпадни производи како таканаречениот летечкиот пепел кој е нуспродукт од термоелектраните на јаглен. Овој геополимерен композит може се „исчисти“ на собна температура, со што станува далеку поприфатлив за околината.

Ваквата алтернативна постапка се има користено и порано, но сега за прв пат е применета за свитливиот бетон. Резултатот е производ далеку пофлексибилен од стандардниот бетон за кој е потребно помало количество енергија за производство, кое пак се одвива со намалени емисиите на јаглен диоксид кои се испуштаат при тоа. Конкретно, според Бехзад Нематолахи кој е еден од авторите на студијата, производството на овој нов бетон бара околу 36 отсто помалку енергија и емитува до 76 отсто помалку јаглен диоксид во однос на стандардните видови бетон кои имаат способност за свиткување. А во однос на тие својства, резултатите од испитувања покажаа дека овој бетон е околу 400 пати посвитлив од обичниот, а има слична цврстина. Дури и да се случи да пукне, ситните полимерни влакна во смесата обезбедуваат да не се скрши и тој и понатаму ќе биде силен.

Универзитетскиот тим вели дека ваков свитлив бетон може да биде корисен за градба на згради во трусните подрачја. Направени од него, објектите би можеле да издржат потреси, а при тоа не ослабат.