Соларни патишта кои водат кон иднината

Во Франција започна експлоатацијата на патишта кои произведуваат струја

Пролетните сончеви зраци беа добредојдени за сатисфакција на првиот соларен пат во светот кој произведува струја

Лоциран во малото француско место Турувре-о-Перш во Нормандија, овој пат поплочен со соларни панели произведува доволно струја за напојување на целокупното улично осветлување во ова село со 3.400 жители. Има должина од само еден километар, на кој се поставени 2.880 соларни панели. Технологијата наречена Wattway е производство на компанија Colas, чија е и изведбата. Целиот проект чинеше дури 5 милиони евра, што е далеку поскапо од било кое конвенционално решение. Секој панел е направен од филм на поликристал силикон и премачкан со пет наноси на силиконска смола која ги штити од физички оштетувања.

Во зависност од временските прилики, се очекува овој соларен пат годишно да произведе 280 мегавати струја. Просечниот дневен капацитет е 786 kWh, кој во текот на летото се удвојува. Наредните две години се наменети за тестирање на овој соларен пат, врз основа на кои резултати ќе зависат и натамошните планирани инвестиции. Критичен во овој момент е степенот на исплатливост, кој со развојот на фотоволтните панели и нивното омасовување ќе се подобрува. Место за унапредување има и во изградбата, каде со забрзување на процесот на монтажа на соларните панели дополнително ќе се намалат трошоците.

Доколку сé биде во ред, Французите имаат намера да направат дури 1.000 километри патишта со вакви соларни панели. Терминот за реализација на планот е пет години, а тие амбициозно треба да обезбедат доволно струја за дури пет милиони луѓе. Во проектот е вклучен и францускиот институт за соларна енергија. Овој систем не бара физичка замена на патиштата, туку е замислен на веќе постоечките коловози да се постават панелите кои се дебели само 7 милиметри. Тие се изведени така да овозможуваат добро прилепување на пневматиците на возилата, со што безбедноста во возењето нема да биде нарушена. Тестирањата на Colas во реални услови покажаа дека Wattway панелите можат да се користат и до 20 години при нормално сообраќајно оптоварување. Нивните пресметки покажуваат дека само 20 квадратни метри од овие панели се доволни за напојување на струја на еден просечен француски дом. На листата предности треба да се додаде и дека панелите се водоотпорни и дека можат да поднесат чистење на снегот од нив со плугови. Од оваа фирма дури предвидуваат и дека заради самото сознание дека се вози по сончеви панели возачите ќе бидат повнимателни и ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи.

Сепак, и покрај бројните позитивни страни на овие соларни патишта, дел од стручната јавност тврди дека сето ова е само фрлање на пари. Меѓу недостатоците се истакнува фактот што Wattway соларните панели се доста помалку ефикасни од оние кои се монтираат на покривите. Исто така се посочува дека покрај трошоците за поставување, ниту трошоците за нивно одржување нема да бидат мали. Сепак Французите не се поколебаа – од нивниот пример цел свет ќе може многу да научи за оваа идеја за соларни патишта и нивните предности и мани.