Со наука против природните катастрофи

Ќе можат ли да се предвидат земјотресите?

Сé уште не, но човештвото е чекор поблиску до тоа

Земјотресите се ноќна мора на архитектите и градежниците. Човештвото засега нема никаква можност за нивно предвидување, но е чекор поблиску до тоа. Имено, научниците од универзитетот во Пенсилванија во своето најново истражување веруваат дека имаат нов увид во тоа зошто земјотресите се случуваат, што ќе може да помогне во предвидувањата кога одреден земјотрес би се случил. Тоа засега е сé уште многу далеку, но голема реалност постои во иднина поточно да се проценат опасностите од случувањето на земјотресите. Според нив, досегашните методи за тоа базирани исклучиво на историските настани би можеле да се дополнат со користење некои нови техники како ласерски зраци за да се детектира движењето на плочите под земјата. Основа за тоа е феноменот наречен „стареење“ кој се занимава со времето кое е поминато кога материјалите се во контакт едни со други. Основното правило е дека колку е тоа подолго, потребна е поголема сила за да ги придвижи. Отпорноста на движењето се нарекува статично триење кое може да биде креирано во линијата каде што се случува земјотресот. Нивниот оптимизам е толку голем што мислат дека со ова ќе може да се откријат помалку фреквентните земјотреси со катастрофални последици.

Научниците го испитувале ова со години, но на нивните теории и модели им недостигаат конечни заклучоци бидејќи истражувањата се на ниво на макроскалата, а не наноскалата на карпите кои ги проучувале. Разликата е во тоа што макроскалата обрнува внимание на примерок од материјалот, додека пак наноскалата се занимава со неколку атоми. Во новата студија научниците поставуваат различни количини на сила на материјалите, користејќи микроскоп кој ја забележува силата на атомите, за да се види како варира нивото на поврзување. Се открива дека силата на триење се зголемува секој пат бидејќи повеќе хемиски врски имаат шанса да се формираат. На ваков начин, истражувачите можат да откриваат зошто некои врски се креираат полесно, а за други е потребно повеќе време. Со сето ова, можеби ќе може полесно да се објасни што се случува на почетокот од контактот, а можеби еден ден и да се предвиди кога точно ќе се случи земјотресот.