Хрватска

Недостаток на работна сила во градежништвото

► И покрај големиот број странци кои работат, хрватските градежници едвај наоѓаат работници

Градежничката криза во Хрватска предизвикана од недостатокот на работна сила достигна невидени размери. Проблемот кој се влече многу години наназад се обидува да се реши со „увоз” на работници од странство, но безуспешно. Според хрватската градежничка комора и министерството на внатрешни работи, за годинава беше предвидено издавање на 17.800 работни дозволи во овој сектор, бројка која на два пати е зголемувана за уште по 1.000, за веќе сега сите тие да бидат потрошени. Поточно има уште нешто над две илјади нераспределени работни дозволи, но бројот на барањата за нив кои се во фаза на разгледување и одобрување е поголем од тоа. Со оглед дека градежните активности се засилуваат пред зимата, тоа значи на дека хрватските градежници годинава ќе им недостасуваат неколку илјади работници од сите занимања – ѕидари, армирачи, шелувачи, столари, електроинсталатери, керамичари, кровопокривачи, фасадери, заварувачи, па дури и помошни работници – проценките се дека за задоволување на потребите Хрватска во овој сектор треба да издава околу 30.000 работни дозволи за странци годишно.