Ammann ASC100

Добар темел куќа носи

А што е со патиштата?!

Добрите темели се важни за секоја куќа – лошата изведба скапо ќе чини. Затоа и секој градежник доста внимава на тоа. Но што е со патиштата? За разлика од високата градба, површината која нивните „темели“ ја зафаќаат е многу, многу поголема, а опциите за избор на начинот и материјалите за работа мали. Тука до израз можат да дојдат само средствата за работа – од нив зависи колку брзо, ефикасно и пред сé квалитетно ќе биде изведено тампонирањето. А што значи лошо тампонирање, не треба да бидете градежник за да знаете – за жал, кај нас (пре)често гледаме пропаднати патишта, паркинзи или други површини и секако, за тоа директно ги обвинуваме изведувачите и нивната немарност. А виновник, всушност, во најголем број случаи е лошата механизација.

Швајцарската група Ammann не спаѓа меѓу гигантите производители на градежната механизација, но е гигант во областа за што е специјализирана: машини и постројки за градежништвото, главно на изградбата на патишта и транспортна инфраструктура – асфалтирање, бетонирање и работи поврзани со тоа. Нејзината гама валјаци е широка и сеопфатна и се состои од триесетина модели со многу изведби. Распоредени во три главни категории според конструкцијата, тие ги покриваат тежинските категории во дијапазон од 1,5 до 25 тони. Бидејќи сепак се работи за машини наменети за општи и не многу изискувачки работи, вака густо набиената понуда прави дел од нив да се преклопуваат во апликациите. Поради тоа е и важно да се направи вистинскиот избор, посебно во пазарни услови во кои оперираат нашите градежници кои заради скромниот обем и неуедначен ритам на работа не можат да си дозволат потесна специјализација и поширока разновидност на машинскиот парк. Но за кој и да се одлучат, сите ги имаат истите основни карактеристики: лесно се справуваат со секаква подлога и имаат високи перформанси на набивање и ефикасност во работата, благодарение на технологиите што се користат и искуството на групата Ammann во производството на валјаци подолго од еден век.

Еден валјак кој би бил оптимален за нашите градежни компании (доволно голем ефикасно да се справи и со поголеми површини но и доволно мал да може да работи и на потесни прилази), е моделот од тежинската категорија до 10 тони, со ознака ASC100. Се работи за машина со единечен валјак со пречник од 1,5 и ширина од 2,13 метри, кој може да биде мазен или еж со шилци. Важи за модел кој има изразен однос на вредноста и ефикасноста, за кој многу од оние што го користат сметаат дека е лидер во класата според перформансите на набивање на подлогата. Погоден е за работа со широк ранг материјали – од глина до кршени камења, благодарение на хидрауликата која ги задвижува барабанот и двете тркала посебно, што обезбедува добра тракција. Ефикасниот Cummins турбо дизел мотор од 115 KS и 1.500 Nm му обезбедува добри маневарски својства неспоредливи со неговата големина, а ниското тежиште забележлива стабилност.

Системот за вибрации работи на фрекфенции од 32 или 35 Hz, со амплитуди од 1,1 и 1,85 mm кај верзијата со мазен барабан, односно 0,97 и 1,6 mm кај изведбата со еж. Центрифугалната сила му е 206 односно 277 kN, а се движи со работна брзина од 7,1 и транспортна брзина од 10,3 километри на час. Способен е да се искачи на нагиб од 40% и да сврти во простор со радиус од 3,21 метар, а безбедноста ја обезбедуваат хидростатичките мултидиск работна и помошна сопирачка. Целата машина има должина од 5,63 и височина од 3,03 метри, а растојанието на најниската точка од подлогата е добри 45 сантиметри. Платформата за операторот е поставена на држачи кои не ги пренесуваат вибрациите, а ако е опремен со кабина тогаш може да се добие и со клима уред. Резервоарот од 410 литри гориво обезбедува долга работа, а лесно достапните места за одржување кратки застои.

Ammann ASC100 е валјак кој ретко се среќава во огласите за продажба на половни машини – не само затоа што како модел не е толку стар, туку и затоа што никој не сака да го продаде.