BMW вработи камион на струја

Чисто и тивко низ Минхен

► BMW заедно со својот логистички партнер Scherm започна да користи електричен камион за превоз на компоненти

Како автомобилска компанија, BMW нашироко е познат по спортските карактеристики на своите возила. Но, од пред деценија-две баварскиот производител додаде уште една стратешка особина на имиџот на автомобилите што ги прави – ефикасноста, односно грижата за екологијата. На почеток изразена преку намалување на потрошувачката а со тоа и емисијата на издувни гасови, со напредокот на електричните технологии акцентот беше ставен на струјата како алтернатива на фосилните горива за задвижување на возилата. Сега веќе BMW е производител на повеќе возила кај кои електричната енергија има примарна или помошна функција во возењето – малиот i3, спортскиот i8, теренецот X5 eDrive…

Од летово, во согласност со својата определба како општествено одговорна компанија, BMW не само што ги произведува, туку започна и да ги користи електричните возила за свои потреби. Конкретно за превоз на компонентите до својата фабрика во Минхен која произведува околу илјада возила и тројно повеќе автомобилски мотори на ден, баварскиот производител заедно со својот логистички партнер Scherm започна да користи електричен камион. Првите официјално поминати електрични километри беа одбележани со скромна манифестација, на која од присутните високи функционери на двете компании и баварската покраинска влада беше истакнато значењето на овие засега малубројни, но 100% чисти и тивки километри. Со употребата на овој иновативен камион, BMW не само што стана првиот производител во Европа што ја ангажираше електричната енергија во улога на заштита на околината од своите деловни активности, туку и испраќа многу силен сигнал до сите компании без разлика на нивната делатност.

Овој 40-тонски камион е производ на холандскиот специјалист Terberg и ќе патува осум пати на ден меѓу логистичкиот центар на Scherm и фабриката на BMW носејќи амортизери, пружини, системи за управување и други автомобилски компоненти. На батериите на камионот му требаат три до четири часа за целосно полнење и имаат капацитет за стотина километри, што теоретски значи дека електричниот камион целиот свој работен ден ќе го поминува без нивно дополнување. За еколошката грижа да биде целосна, од BMW велат дека камионот ќе биде напојуван исклучиво со струја од обновливи извори, а не со онаа произведена од германските термо или нуклеарни централи, што значи дека во целосната експлоатација возилото нема да испушти ниту грам јагленород диоксид во околината. За споредба, дизел камион ангажиран на таа работа годишно ќе ја „зачини“ атмосферата со 11,8 тони јагленород диоксид, што е еквивалентно на емисијата што би ја испуштил BMW 320d Efficient Dynamics кога три пати би го заобиколил светот.

Камионот што BMW и Scherm го употребуваат е заснован на моделот YT202-EV на холандскиот производител на специјални возила Terberg. Конструктивно тој е влекач со 4×2 конструкција. Претставен е лани и веќе оперира во бројни дистрибутивни центри низ Холандија, Германија, Данска и Швајцарија. Стандардно се испорачува со две батерии од 112 kWh, додека за поизискувачки задачи може да биде опремен и со трета. Електропогонот има моќност од 138 kW и вртежен момент од 720 Nm и може да постигне максимално 40 km/h. Трансмисијата му е автоматска четиристепена Allison, а кабината може да му биде лева или десна. Предвидено е откако ќе се сумираат искуствата од користењето на електричниот камион после една година, да се разгледа можноста за вклучување повеќе вакви возила во извршувањето на редовните активности на BMW и Scherm.