Böcker наклонети лифтови

Едноставни, но од голема помош

► Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат градежниците се роковите

Градежништвото, посебно високоградбата, во голем дел е рачна работа. Машини и алатки има секакви, но човечката рака тешко може да се замени. Многу инвентивни луѓе се имаат фатено костец со овој предизвик – некои имаат успеано, некои помалку. Еден од тие што успеале е Алфред Бекер кој во 1958 година отворил металска и заварувачка работилница. Иако само ковач по занимање, за кратко време смислил повеќе типа машини кои дотогаш не постоеле, а во некоја мерка им биле од помош на работниците во извршување на тешките работни задачи. Една од нив е и таканаречениот наклонет лифт, првично наменет за качување керамиди на покривите. Оттогаш наваму овој тип машини стана заштитен знак и ја креираше историјата на компанијата според него наречена Böcker Maschinenwerke.

Ако се погледнат проблемите со кои се соочуваат градежниците, еден од најголемите се роковите. Операциите мора да се работат по точно определен ред и за да се започне со некоја, претходната мора да биде завршена – поинаку не може. Во високоградбата исто не може ниту повеќе екипи да работат паралелно, бидејќи едноставно нема доволно простор, ќе си пречат еден со друг. А секоја операција во градежништвото започнува со доставата на материјал. Маките почнуваат уште од моментот кога камионот ќе го истовари на самата локација, бидејќи тој треба да се однесе таму каде ќе се вградува. Тоа кај висококатниците се решава со кранови, кои немаат економска оправданост да се користат кај индивидуалните и воопшто градбите со помала катност или габарити. Тука нема лек – циглите на грб и по скалите нагоре.

Токму таа најмачна фаза од работата Алфред Бекер ја има автоматизирано со помош на овие едноставни, но доста практични уреди. Како функционираат не треба да се објаснува – сé е јасно на прв поглед. Лесно се користат, а способни се да издржат огромни количина работа и да транспортираат во височина сé што треба – од секаков материјал додека трае градбата до мебел при вселувањето. За секоја посебна намена можат да бидат опремени со прилагодени платформи, а за општа употреба доволна е само обична корпа, која се товара и растовара без многу мака.

Böcker Maschinenwerke во својата производствена програма има шест различни серии наклонети лифтови. Карактеристика им се зглобно поврзаните елементи, така што товарот може да се искачи до самиот врв. Наједноставниот е многу налик на обична скала на извлекување, а поголемите пак имаат вградено електричен, бензински или дизел мотор. Монтирани се на приколка која може да се влече со обичен автомобил. Флексибилноста им е силна страна, а времето за подготовка за работа минимално. Во зависност од моделот имаат носивост од 150 до 270 килограми и максимална височина на искачување и до дури 36 метри. Секако, опремени се со сите безбедносни механизми.