Дизелот надвор, струјата внатре
Возењето низ Лондон и сега е скапо, но наскоро камионите кои влегуваат во строгиот центар на градот ќе плаќаат по 300 фунти дневно
Во последно време доста е актуелно забранувањето на сообраќајот на возилата со дизел мотор низ европските градови. Лондон е еден од позагадените во Европа, но таму тие не се забрануваат – Англичаните со овој проблем се справуваат на поинаков начин. Борис Џонсон ја започна, а Садик Кан продолжи битката против како велат и двајцата „смртоносниот воздух во Лондон“ земајќи го за сојузник најсилното оружје – парите. Имено, веќе подолго време возењето низ строгиот центар на Лондон се наплатува, и тоа скапо, во зависност од типот на возилото и еколошките норми што ги исполнува неговиот мотор. Но новите мерки на градоначалникот на Лондон ја надминуваат секоја логика, бидејќи според нив за влез во зоната на ултра ниски емисии камионите ќе плаќаат по 300 фунти дневно! Ова се однесува на возилата со Еуро 3 или пониски стандарди, додека на Еуро 4 и Еуро 5 камионите ќе им се наплаќа по 100 фунти. Исто така, ќе се прошири и зоната за која ќе се наплаќа, како и временскиот период – наместо во работните часови како сега, на 24 часа дневно 365 дена во годината. Примената на оваа одлука треба да стапи на сила на 26 октомври 2020 година.
Германците, пак, имаат поинаков став и иако и тие си ги сакаат своите градови и воздухот во нив, еднакво ги ценат и парите, и возилата. Заради тоа изнаоѓаат начини како сето тоа и во иднина да егзистира во една хармонична целина, без нарушување на балансот. Нормално, електричната иднина се форсира, но притоа не се заборава ниту дизелската сегашност. За да таа побрзо стане минато, компанијата BPW Bergische Achsen како глобален добавувач на компоненти за индустријата на комерцијални возила разви иновативно решение – електрична погонска оска. Наречена eTransport, таа претставува клучна технологија за трансферот на доминацијата на дизелот во корист на струјата транспортот на иднината, ефикасен и без емисии. Таа е замислена и изведена така што овозможува интегрирање на електричниот погон во сé уште употребливите возила од денешнината.
Својот иновативен производ Германците веќе го демонстрираа со вградување во едно старо возило. Изборот падна на Mercedes-Benz Vario, кој како модел е доста популарен во Германија и сé уште баран бидејќи остана без директен наследник откако заради стапувањето на сила на Еуро 6 нормите во 2013 година престана неговото производство. Целата идеја е интересна дури и за оние кои не се толку упатени во техниката – преработката на возилото вклучува исфрлување на дизел моторот, менувачот, карданот, диференцијалот и сé останато поврзано со нив (резервоарот, акумулаторите и слично) и вградување на задна оска со интегриран електричен погон и секако батерии. Со оглед на големиот број компоненти кои се вадат од возилото, вкупната тежина дури е и нешто помала и покрај тешките батерии. На тој начин вечните Mercedes-ови камиончиња ќе продолжат со својот работен век во урбаните средини, со трошоци за конверзија кои сé уште се пониски од набавката на нови возила, посебно ако тие се специјализирани, односно опремени со специјални надградби. Нивните сопственици како бонус ќе добијат значително помали трошоци за одржување, а нивните сограѓани пониска бучава и почист воздух. Се подобруваат и перформансите на возилото бидејќи електропогонот располага со поголем вртежен момент, а двата електромотора овозможуваат тркалата да се активираат поединечно. Максималната брзина е лимитирана на 90 km/h.
Во моментов стандардизираната електрична оска која може да се вгради во секое комерцијално возило е во финална фаза на реални тестирања од страна на една логистичка компанија. Возилото што е во експлоатација има со носивост од 3 тона, силина од 150 kW и батерии од 80 kWh доволни за стотина километри. BPW е подготвен веќе од крајот на годинава да започне со сериска конверзија на старите комерцијални возила.