CAT 793F – Рударски камион

Лесно справување со тешкиот товар

Големиот камион на Caterpillar во должина е растегнат на 13,7 метри, го движи V16 мотор од 2.650 КС а заедно со товарот достигнува максимална тежина од над 390 тона

Тоа што на фотографиите рударскиот камион CAT 793F изгледа компактно знае сериозно да ни ја прелаже перцепцијата. Всушност тој во споредба со нормалните камиони едноставно е – огромен! Иако е наменет само за пренос на тежок товар од рударските копови, при неговата изработка се применуваат највисоките технолошки стандарди.

Сепак како илустрација за појавноста ќе ги истакнеме основните димензии: вкупната должина изнесува 13,7 метри, широчината е 7,60, додека височината 6,53 метри. Најниската точка од тлото (клиренсот) е речиси на метар (0,99 m) а растојанието помеѓу оските 5,90 метри.

Всушност од согледувањето на димензиите започнува вистинската технолошка приказна за CAT 793F.

Носивост еднаква на десет шлепери

Од вкупната оперативна тежина на камионот која изнесува нешто над 390 тона, корисниот товар кој може да се смести во корпата со капацитет од 142 m³, може да изнесува максимални 226.8 тона. Останатото отпаѓа на тежина на самиот камион.

За погон на ова големо парче камион е задолжен современ дизелски агрегат со ознака C175-16. Зад овие бројки се крие комон реил агрегат кој во конфигу рација V16 располага со вкупен работен волумен од дури 85 литри. Големиот волумен освен што овозможува силина од 2.650 КС исто така е заслужен таа силина да биде постигната при многу ниски 1.750 вртежи, што пак од своја страна гарантира доверливост и долговечност.

За пренос на вртежниот момент е задолжена автоматска трансмисија со шест брзини. Сето тоа изгледа едноставно кажано, но кога треба да се примени на камион со вакви капацитети секако дека секој негов елемент треба адекватно да биде димензиониран. Во случајот говориме за електронска контрола на притисокот на спојката, потоа за затварач на конверторот на вртежниот момент како и за финалниот пренос изведен со планетарни запчаници. Резултатот е очигледен – максимална брзина од 60 км/ч, и што е многу поважно, меко менување на степените на пренос без губиток на силината.

Од друга страна на преносот на силина, е поставен системот за сопирање кој треба таа забрзана маса безбедно и на кратко растојание да ја сопре. Задачата е доверена на интегрален хидрауличен систем со мулти дискови кои се ладат со помош на масло. Иако на прв поглед делува сложено, всушност се работи за ефикасен систем во кој сериски е вклучен и ретардер кој е едноствен за одржување и многу доверлив при работа.

Носечката структура е изработена од кутијасти елементи кои се заварени заедно со лиени одливоци. Оваа комбинација обезбедува правилен распоред на тежината и посебно распределување на тежината од ударните точки на кои е изложена каросеријата при товарење.

Искачување до кабината

За да пристапи до своето работно место операторот и буквално треба да се иксачи по стрмни скали поставени на предната страна на камионот. Откако удобно ќе се смести, пред него се отвара широк поглед на сите страни. Освен стаклените површини во постигнувањето на таа цел се ангажирани и видео камери и радар со краток домет. Тоа што не може директно да го види, се појавува на екранот па прецизното управување станува рутинска операција.

Кабината е механички и акустично изолирана според најновите стандарди за заштита, така да целодневниот работен престој не преставува посебен напор.

Во кабината е вградено и совозачко односно инструкторско седиште и иако таа пружа врвна комоција за двајца, кога ќе се погледне однадвор паѓа во очи дека целата кабина е со широчина само колку предната гума. Еве уште еден очигледен доказ за димензиите на камиониот, 793F. Очекувано, амортизерите со кои кабината е поврзана со носечката решетка, се исполнети со комбинација на нитроген и масло која гарантира одлични перформанси.

За целосен увид врз параметрите на камионот, оператор го користи VIMSTM системот за мониторинг. Преку него се овозможува прецизен преглед во менаџирање на процесот на товарење, екстерни индикатори за случај на претоварување, анализа на патот, а се разбира и на сите параметри на возилото. Сите податоци VIMSTM системот ги меморира и по потреба може преку посебен софтвер да бидат следени од контролен центар или пак да бидат отчитани при редовно сервисирање на камионот.

И кога сме која сервисирањето треба да се потенцира дека сите контролни и сервисни точки се пристапни од ниво на тлото, па на тој начин времето за сервисирање е скратено на минимум.

Всушност со минимизирање на пасивното време во кое машината е надвор од употреба, уште еднаш се демонстрира базичниот карактер на камионот – максимална ефикасност со минимални трошоци.