Cat TH414C GC и TH417C GC

Момче за сé

Телескопските манипулатори се чудни машини. Нивната намена на прв поглед не може да се сфати сé додека не се видат на дело што сé можат да сработат

Светски познатиот Cat има машини за сé и сешто. Меѓу нив се и телескопските манипулатори, машини кои личат на вилушкари но не се (само) тоа. За прв пат употребени во земјоделството, овие машини со своите недвосмислени предности бргу се имаат раширено низ сите индустриски и услужни гранки каде е потребно ракување со материјали од разни видови, а сеопфатниот спектар на стандардни карактеристики и опремата по избор го проширува обемот на нивна примена и користење ширум светот.

Cat во својата програма ги има десетина. Се карактеризираат со конструктивни решенија кои овозможуваат ниски трошоци за работа, голема издржливост и едноставно ракување. Напредните особини ги комбинираат одличната видливост на операторот на сите страни и големи способности по поглед на досегот и носивоста. Покрај тоа, новата С-серија Саt телескопски манипулатори се и моќни, брзи, повеќефункционални и комфорни. Новите мотори одговараат на барањата на EU IIIB стандардите за емисиите на издувни гасови, а хидраулика која е чувствителна на оптоварувањата, високите маневарски способности, удобната кабина и ергономските команди за ракување со единечен џојстик овозможуваат прецизно управување, ефективна работа и брзо извршување на многубројните задачи. Брзата замена на работните уреди со кои може да бидат опремени ја гарантира висока ефикасност во извршувањето широк круг задачи, што впрочем е и основната нивна намена – да ги исполнат различните потреби на купувачите од секаков вид.

Двата најнови модела телескопски манипулатори во гамата на Cat со ознака TH414C GC и TH417C GC се конструирани со цел да ги задоволат барањата на компаниите кои се занимаваа со изнајмување опрема, што значи дека посебен акцент е ставен на едноставното ракување, лесното одржување, доверливоста, издржливоста и ниските оперативни трошоци. Помалиот модел TH414C GC е деклариран за носивост од 3.600 kg и максимално подигнување на товарот од 14 метри, поточно 13.850 mm. Поголемиот TH417C GC пак има носивост од 4.000 kg и досег од 17 метри во височина. Располагаат со мотор со 101 KS и 409 Nm, оперативната тежина им изнесува 10, односно 12 тони, а хоризонталниот досег 8,7 односно 12,75 метри.

Со помош на тристепената трансмисија можат да патуваат со брзина од околу 25 km/h напред или назад сеедно, во резервоарот им собира 105 литри гориво, долги се 6,4, широки 2,35 и високи 2,68 метри, а за свртување им е потребен простор од 7,7 односно 8 метри. Хидрауличниот систем работи под притисок од 270 бари и со проток од 100 литри во минута, што кај помалиот модел обезбедува времето за подигнување на раката да биде 15,3 секунди, додека за нејзино спуштање се потребни 10,8 секунди. Кај поголемиот модел времињата на подигнување и спуштање на раката соодветно изнесуваат 19,6 односно 16,1 секунди.

Треба ли да се спомене дека издржливата конструкција на раката и шасијата, докажаните погонски групи, робусниот хидрауличен систем и интуитивното ракување обезбедуваат максимално враќање на инвестицијата?