Caterpillar 279D – Компактен повеќетеренски натоварувач

Мало, ама вредно

Компактниот натоварувач на CAT може да работи по секаков терен, а притоа умешно се справува и кога ќе се најде на најтесни простори

Кога еден натоварувач во должина (и тоа со спуштена корпа) брои само 371 cm а притоа оперативната тежина му изнесува само неполни 4.5 t, тогаш констатацијата дека се работи за навистина компактна машина е сосема на место. А знаеме дека процесот на натоварување речиси никогаш не се одвива по рамен терен, напротив, најчесто подлогата е од различен материјал кој се сретнува на градилиштата. Земајќи го тоа предвид конструкторите на CAT, компактниот натоварувач го опремиле со „триаголни“ гасеници кои лесно излегуваат на крај дури и со лизгави подлоги. Гасениците со широчина од 40 cm на теренот газат со должина од 163 cm што е сосема доволно за стабилно движење и товарење. А кога сме кај товарењето да кажеме дека тоа може да се одвива до максимална височина од 317 cm.

Мотор од 75 KS

За спретноста на натоварувачот добар показател е минималниот радиус на вртење од само 226 cm (мерено во однос на средишната оска), што би значело дека Caterpillar 279D може да ги изведува рутините и во мало собче, кое не е поголемо од „3 x 3“ метри. Со споменување на висината на кровот које поставен на 211 cm се заокружува приказната околу скромните димензии на натоварувачот. Целата конструкција ја придвижува четири-цилиндерски дизел мотор од максимални 75 КС и вртежен момент од 265 Nm. Моторот со работен волумен од 3.3 литри, ги исполнува американските еколошки стандарди Tier4 Final, како и европските STAGE IIIB. Тоа накратко значи дека и на зачувување на природната средина е посветено должно внимание, а како нус-продукт од тој пристап, спрема горивото, машината се однесува со големо внимание. За одличното снаоѓање на терен свој придонес дава и менувачот со два степени на пренос. Во првиот степен максималната брзина изнесува 7.2 додека во вториот 11,3 km/h. Хидрауличната секција е раководена од High Flow XPS системот, кој преку високиот проток обезбедува максимална ефикасност. Во зависност од потребната моќност за извршување на дадена апликација, се ангажира и адекватен проток на хидрауличната течност, овозможувајќи така максимални перформанси со минимум потрошувачка на гориво.

Флексибилност за да се справи со која било работа

Апликациите од различен вид побаруваат и специфичен пристап за нивно извршување. Одговорот на CAT доаѓа во вид на “Intelligent Leveling” (ILEV) систем во кој се вклучени неколку функции. Тоа е нивелирањето во двата правци, потоа враќање на алатот на позиција на ископ како и повторно позиционирање на алатот за работа. Кога овој напреден систем, со висок степен на автоматизираност, ќе се искомбинира со широкиот спектар на расположиви алатки, се доаѓа до логичниот заклучок за сестраноста во справувањето со различни апликации. Применетата висока технологија се забележува на секоја позиција. Па така, операторот, кој инаку во кабината е заштитен според ROPS/FOPS стандардите, има увид во сите работни параметри. Податоците се отчитуваат на работниот екран, а воедно на него може да се прати и состојбата на сите останати уреди. Во истиот дух на практичност се изведени и групираните контролни точки, како и олеснетото рутинско изведување на редовните сервиси кои се извршуваат од ниво на тлото.