Caterpillar 844K – Булдожер на тркала

Вградена издржливост

844 K е најголемиот булдожер на тркала во големата ергела на CAT. Тој е идеален за апликации во големите рударски комплекси, во компаниите за производство на електрична енергија, како и при преместување на големи количини на материјал

Кога булдожерот на Caterpillar ќе се погледне во својата природна средина, а тоа секако се каменоломите, површинските ископи, или при рамнење на големи површини, впечатокот за неговите пропорции и не е така импресивен. Разбирливо, на таков отворен простор и должина од преку 11 и височина од безмалку 5.5 метри знаат да ги прелажат перцепциите. Но кога ќе проработи V12 моторот од 752 КС и ќе се придвижат оперативните 75 тона, нештата се менуваат од корен. Овој булдожер тогаш почнува да го покажува својот вистински карактер – моќен, ефикасен, неуморен.

Кабина изолирана од надворешниот свет

Кабината на 844K е поставена на вискозни држачи со што се постигнува одлична механичка и акустична изолација. До операторот допира звук со јачина од само 69 db. За секој случај проверете ја јачината на звукот на вашето возило, па ќе стане појасен ангажманот на американските инженери. И не само поради звукот, операторот откако (и буквално) ќе се искачи на неговото работно место ќе може да ги ужива благодетите на ергономско осмислениот работен простор.

Колку и да изгледа грубо однадвор, толку е пријатен престојот во овој булдожер. Командите се стандардни, операторот е одлично информиран за сите параметри, а на располагање стои и персонализација која овозможува до 10 оператори да ја подесат машината според сопствените преференции.

Просторната внатрешност овозможува сместување за уште еден оператор кој има можност преку практичен тренинг да се обучи за самостојна работа.

Со силина и ум

Основната конструкција на булдожерот на тркала доаѓа во стандардна конфигурација: мотор померен на задниот крај, операторска кабина сместена на средина и ножот истурен на предниот дел. Добро, ножот е малку необичен, но нели токму тоа го прави CAT посебен.

Ако добро се погледне ножот е дел од „U“ вилушката на која има монтирано и два хидраулич ни држачи кои служат за регулирање на нагибот на ножот, додека за вертикално померување има два други држачи кои се изведени како кај класичните булдожери. Можноста за избор на еден од трите мода (Standard, Fine, Fast) за делување на ножот е финеса која оди во прилог на економично трошење на горивото. Предноста на оваа конструкција се огледа во брзината на работните циклуси како и во зголемената ефикасност при тешките аплпикации.

Зглобната конструкција поддржана со моќна хидраулика (чувствителна на оптеретување) ја овозможува потребната окретност, големите тркала ја даваат потребната проодност, а моќниот мотор во секој момент е подготвен да ја испорача потребната силина. Во овој контекст може да се разгледа современиот V12 дизел кој ги исполнува најстрогите американски и европски критериуми за сочувување на природната средина, но тоа што во суштина го карактеризира тој мотор се долговечноста и ефикасноста.

Погонот на тркала е изведен преку конвертор на вртежниот момент кој има можност и за затварање на диференцијалот што овозможува директен погон (Direct Drive), а тоа знаеме дека оди во прилог на проодноста. За движење нанапред и наназад се предвидени по три степени на пренос при што се постигнуваат максимални брзини од 22,9 односно 24,9 км/ч.

Сето тоа е успешно спакувано во робусна конструкција која е всушност најзначаен момент во целата оваа приказна околу булдожерот 844K на Caterpillar.

Иако појавата, која во оперативна состојба тежи точно 74.883 kg, предизвикува почит, сервисерите не би требало воопшто да се грижат околу потребните контролни и сервисни интервенции. Производителот најпрвин овозможува продолжен сервисен век на сите компоненти а редовните контроли се извршуваат од ниво на тлото. Групираните контролни точки максимално ја олеснуваат работата, но за интервенции секако треба да се отворат капаците од платформата и да се извршат потребните зафати.

Краткиот опис за булдожерот на тркала 844K секако би ги содржел атрибутите, проверено, моќно и долговечно.