Dacia Duster Commercial

Прилично невообичаен предлог

Кога се бара доставно возило, секогаш помислуваме на некое комби од популарна марка. Но не и Англичаните – кај нив сé е невообичаено

Dacia Duster е прилично невообичаен предлог за превоз на стока. Не дека не може, но сепак не е за тоа наменета. Но тоа воопшто не им пречи на Англичаните, кои својот уникатен поглед на светот го имаат раширено и врз терминот „доставни возила“. Така, британскиот увозник на Dacia побара од романскиот производител да го трансформира робусниот теренец во практично комби возило, кое ќе биде понудено во продажба кон крајот на јуни.

Обединувајќи ги позитивните особини од двата типа возила – доставните и теренските, за оваа товарна верзија на Duster може да кажеме дека во целост, па дури и повеќе од очекуваното ќе ги задоволи потребите на сите кои работата им наложува да вршат превоз на стока со помал обем, посебно ако патот ги води во руралните средини. Наречен Duster Commercial, овој теренец може да се пофали со простран и флексибилен товарен простор добиен со исфрлање на седиштата од задниот дел, со што е добиен корисно употреблив волумен од 1.150 литри. Потполно рамниот под на просторот за товар долг 1,4 метри и широк меѓу тркалата нешто повеќе од метар е заштитен со засилена пластика, а до него може да се дојде од задната или страничните врати. Товарните карактеристики на Duster Commercial велат дека може да понесе солидни 550 килограми товар, што го прави идеален избор за трансформација во теренска работилница.

Однадвор Duster Commercial изгледа скоро идентично како и обичниот Duster. Темните задни стакла ќе го спречат погледот на љубопитните кон карго просторот, а робусните кровни носачи ќе му ја зголемат употребливоста. Докажаната и робусна механика без некое големо присуство на современа и чувствителна технологија прави да биде издржливо возило со ниски трошоци за одржување. Возливоста во целост е задржана како и кај стандардната патничка верзија на Duster, а исти се и перформансите кои ги обезбедува 1,5 литарскиот dCi мотор со 110 KS – забрзувањето до 100 km/h за 12,2 секунди, максималната брзина од 169 km/h и потрошувачката од 5,0 литри на 100 km.

Она по што најдобро се познати моделите на Dacia – достапната цена, е белег и на оваа доставна изведба. Варијантата со погон само на предните тркала чини 9.595 фунти без ддв (12.965 евра), а 4×4 варијантата 1.700 фунти (2.300 евра) повеќе. Колку за споредба, цената на патничката верзија на Duster со овој мотор и истата опременост во Велика Британија изнесува 11.995 фунти (16.200 евра). А опременоста, спротивно на очекувањата, и не му е баш минимална. Во стандардната Ambiance изведба располага со електрични стакла, радио со CD, MP3, блутут, AUX и USB, потоа ABS со помош при нагло кочење, систем за електронска контрола на стабилноста и четири воздушни перници. Дури и кога ќе се додадат алуминиумските тркала, темпоматот, загреваните и електрично задвижувани ретровизори, клима уредот и другите нешта наведени во спецификацијата на побогатиот Laureate пакет опременост, со цената од 10.845 фунти (14.650 евра) Duster Commercial сепак останува поевтин од многу ривали, ако воопшто можат да се најдат такви кои ќе го предизвикаат овој спој на товарните и теренските можности на романскиот модел.