Еден уред за сите патарини
Веќе е реалност и може да се нарача преку интернет
Уредот на DKV за регистрација на патарините во сите земји на ЕУ и нивно плаќање со само една сметка ги помина и последните тестирања и неговата активна дистрибуција веќе е започната. DKV Box Europe како што му е ознаката ги помина успешно сите фази на развој, вклучувајќи и пробно користење на неколку илјади уреди од страна на разни клиенти низ цела Европа. Белгискиот превозник Vervoer Engelbosch е првиот купувач кој уште пред официјалното лансирање како дел од финалната тест фаза ги доби уредите на користење за свои потреби. Според оваа компанија, тие овозможуваат големо олеснување во работата на дневен превоз, посебно кога се работи за голем број возила кои патуваат на кратки релации.
Патарините во Белгија ќе бидат едни од првите кои ќе можат да се плаќаат со помош на DKV Box Europe. Од идната година на системот ќе се приклучат и Германија, Австрија, Франција, Шпанија, Португалија и Италија, а ќе можат да се плаќаат и одредени мостови и тунели. Целта на DKV е Box Europe постепено да започне да ги заменува сите разни уреди за наплата на патарини во поединечните европски земји кои веќе се вградени во возилата. Освен што со само еден уред ќе се регистрираат и плаќаат сите патарини низ Европа, голема предност е и тоа што нема потреба од негова замена во иднина – за користење и во земјите кои дополнително ќе се вклучат во системот ќе биде доволна едноставна регистрација преку интернет, без оглед на тоа каде во моментот возилото се наоѓа.