Donaldson off-line филтрација

„Вакцина“ за дизел горивото

Теренската работа знае да донесе непредвидливи проблеми. За среќа, постојат стручни фирми кои ги предвидуваат место вас и нудат превентивни решенија

Градежните машини трошат гориво, и тоа многу, но никогаш нема да видите градежна машина на бензинска пумпа – горивото ним им се носи на самото градилиште. За мали зафати некогаш се доволни само понеколку канистри, но за големите работи требаат и големи количини гориво, дури и за само една машина. Градежниците за тоа си имаат цистерни кои го носат горивото до машините таму каде се и кога им треба. Или, во случај на големи проекти, се користат стационарни цистерни во кои се складира поголема количина гориво, кое секогаш мора да го има во доволни количини.

Сето ова не би претставувало никаков проблем да не е ризикот од контаминација на горивото со нечистотии, која може да се настане случајно, дури и кога добро се внимава при полнењето на горивото во цистерните, или пак заради долготрајното користење на цистерните без нивно детално чистење. А дека горивото содржи штетни за моторот нечистотии се дознава на најболниот начин – со дефект на машината. Но, маката да биде поголема, тоа значи и дека секоја друга машина на која и е доставено гориво со истата автоцистерна или пак од истиот стационарен резервоар е подложена на истиот ризик.

Порано сé беше поедноставно – машините беа поробусни и не беа толку чувствителни на квалитетот на горивото. Но кога работеа, брмчеа и чадеа, а кога се расипуваа, се поправаа долго. Сега не е така. Од нив се бара висока ефикасност и задоволување на сé построгите стандарди за емисии. Тоа кај денешните софистицирани дизел мотори е постигнато со висок притисок на вбризгување на горивото до 3.000 бари. Заради тоа, бризгалките и другите прецизни делови од common-rail системот може да бидат оштетени дури и од најмалите честички, што пак наложува апсолутна потреба од чисто гориво секогаш и секаде.

Водечкиот светски производител на системи за филтрирање Donaldson има решение и за ова. Неговите системи за off-line филтрација обезбедуваат максимална заштита на дизел моторите од секакви нечистотии. Конструирани се да го филтрираат до ISO 4406 ниво на чистота 14/13/11, што е најмалку 16 пати почисто од барањата на светската повелба за гориво. Дизел гориво филтрирано на помалку строги нивоа на чистота не секогаш ќе ги спречи оштетувањата на системите за вбризгување на горивото, поради што од витално значење е да се обезбеди негова ефективна и максимална филтрација.

Покрај супериорната филтрација, системите на Donaldson се одликуваат и со голема преносливост и автономност во работата. Лесни се за манипулација, а достапни се во верзии за еднонасочна или наизменична струја. Ја апсорбираат и водата, така што можат да работат и во влажни услови. Можат да се користат за прочистување на горивото во резервоарите со затворен кружен тек, за филтрирање на контаминирано гориво од една во друга цистерна или пак директно во резервоарот на машината. Цврстата челична рамка ги прави издржливи при експлоатацијата и отпорни на корозија и им обезбедува долг работен век, а елементите за филтрирање лесно се менуваат. За безбедноста во работата се грижат сигурносниот вентил и заштитниот прекинувач против прегревање. Електромоторот обезбедува работен притисок на горивото од 5 бари и проток од 50 литри во минута. Кабелот од 5 метри и влезното и излезното црево од 3 и 4 метри овозможуваат нивно поставување на најприкладното место во близина на резервоарот. За поголема практичност, целиот систем за филтрирање можe да биде монтиран и на количка со тркала.