Drago сандаци за кипери

Сам свој мајстор

► Издржливоста на градежните камиони е општо позната, што не може секогаш да се каже и за сандаците на киперите

При изборот на механизација, прво со што се водат градежните компании е издржливоста. Од неа зависи исплатливоста на инвестицијата, но и оперативноста на самата компанија. А тоа може да биде проблем во земји како нашата, кои се далеку од центрите на настаните во индустријата. Пример се градежните камиони чија издржливост е општо позната, што не може секогаш да се каже и за сандаците на киперите. Тие имено се први „на удар“ на товарот, кој никој не го мери. Затоа и се подложни на оштетувања, пред сé разни вдлабнатини предизвикани од истурањето на товарот во нив. Тие пак доведуваат до микро и макро искривувања на самата конструкција на сандакот, која кога-тогаш ќе доведе до пукање било на материјалот, било за заварените шевови. А кога ќе се појават тие се појавува и проблем, за кој постои само „прва помош“ во вид на привремено решение – за трајно решение киперот треба да оди на сериозен сервис, кој вообичаено е оддалечен многу километри и скап. За среќа, постои прецизно решение.

Приказната започнува во раните осумдесетти, со средба на двајца Италијанци, еден вешт металски работник, а вториот сопственик на тогаш една од водечките италијански компании специјализирана за надградба на индустриски возила со кипер-сандаци. Брзо доаѓа до соработка во која со текот на годините протагонистот на оваа приказна ги осознава бројните проблеми што се јавуваат кај сандаците за кипери кои традиционално се со заварена конструкција. Предизвикот го преточува во идеја за развој на нешто сосема поинакво, лесно за производство, уште полесно за монтирање и демонтирање, нешто практично, едноставно за транспорт и сервисирање, но сепак многу стабилно и издржливо. После поминато безброј часови во планирање и експериментирање со разни решенија, материјали и компоненти, тој доаѓа до решение што идејата ја претвора во реалност. Се работи за сандак за кипер кој не е заварен, туку склопен и зацврстен со завртки и навртки.

Охрабрувачките резултати од првите тестирања доведуваат до основање на компанијата Drago Ribaltabili S.r.l. и почеток на производството и продажба на овие кипер-сандаци буквално низ цел свет. А тоа и не е некаков проблем бидејќи тие се состојат од неколку парчиња: страници, дно, преден ѕид, задна врата, засилувања и комплет завртки и навртки. Транспортот е едноставен, а монтажата може секој да ја направи, и тоа за само 2-3 часа. Конструкцијата на овие кипер-сандаци е модуларна и прилагодена за секој вид (соло камион, приколка, полуприколка), тип (6×4, 8×4…) или пак марка на возило. Со тоа гамата производи практично е неограничена, но сепак главно поделена на неколку групи – за тешки секојдневни работи на градилиштата, во каменоломи и слично, за лесни и средно тешки задачи (земјоделие, изградба на патишта) и за специјални намени каде со користењето на челични и алуминиумски компоненти се намалува тежината.