Emakina SmartHomeControl

Енергетска ефикасност со помош на апликација

► Високите сметки за струја заминуваат во историјата – отсега ќе ја контролираме потрошувачката на електрична енергија со помош на мобилен телефон

Компанијата Emakina во соработка со истражувачкиот центар ASCR разви апликација со која се контролираат најголемите потрошувачи на електрична енергија како што се греењето, ладењето и разните куќни апарати. Може да се користи на телефон или таблет, а овозможува различни подесувања и однапред дефинирани поставки за работни денови, викенд или што и да сакате. Со нејзина помош луѓето добиваат увид во комплексната динамика на целиот куќен енергетски систем, а експертите на ASCR стекнуваат сознанија за навиките на потрошувачите. Апликацијата под назив SmartHomeControl се тестира во Виена на 111 домаќинства поделени во четири групи на основа на техничкото знаење и заинтересираноста. На тој начин ќе се соберат податоци за тоа како различни луѓе реагираат во различни ситуации, кои функции повеќе а кои помалку ги користат, што им буди најголем интерес и слично. Ова е важно за клиентите бидејќи потрошувачката на електрична струја полесно може да се распредели на периодите кога таа е поевтина, а за електродистрибутивните компании пак полесно да воспостават таканаречени периоди на критични цени кога потрошувачката на струја која директно влијае на нејзината цена е изразито ниска или висока. Информациите за овие критични периоди кои можат да бидат различни за секоја држава, секој град, да не кажеме за секое маало, ќе им бидат достапни на потрошувачите кои врз основа на нив и со помош на апликацијата поефикасно ќе ја прилагодат работата на домашните електрични системи.