Ford ги освежи Tourneo и Transit Custom

Премиум забава за деветмина

Ова возило сега се одликува со ново лице, изменет ентериер, побогата опрема, како и со неколку нови системи

Визуелните промени највеќе се забележуваат на предниот дел – повпечатлива маска, дотеран браник, светла со нова графика и интегрирани ЛЕД дневни светла и друго. Внатрешноста е освежена со нов преден панел, таблет-екран за инфозабавниот систем со SYNC3 конекција, хромирани и црни детали и повеќе места за ситници. Tourneo Custom доби и Intelligent Speed Limiter технологија која овозможува автоматско подесување на брзината за таа секогаш да остане во законски дозволените ограничувања. Треба да се споменат и системите за предупредување за возила во мртвите агли, Pre-Collision Assist со детекција на пешаци и автоматско кочење, за задржување на лентата на возење… За погон се грижи дволитарски EcoBlue дизел мотор во три варијанти со 105, 130 и 170 KS, во комбинација со 6-степен мануелен или автоматски менувач. Во понуда ќе бидат и две нови топ верзии – Titanium X и Sport. Titanium X меѓу другото доаѓа со кожен ентериер, навигација, задна камера и HID Xenon светла, а Sport верзијата со боди-кит, ексклузивни 17-инчни тркала, две украсни ленти на хаубата и друго.

Заедно со претставувањето на најновата верзија на Tourneo Custom, Ford ги објави и првите информации за неговата комби изведба Transit Custom. Подобрувањата на екстериерот кај него се скоро идентични со оние на Tourneo Custom серијата, вклучувајќи ги и ексклузивната мрежа на маската и светлата кои сега можат да бидат LED DRL или Xenon кај моделите од врвот на понудата. Со тоа и овој модел дизајнерски повеќе се доближува до најновите патнички автомобили на компанијата. Во прилог на тоа се и најголемите подобрувања во однос на досегашната генерација, кои се среќаваат во кабината. Иако се работи за модел подложен на фејслифтинг, таа е потполно нова и според последната филозофија на компанијата по прашање на ентериерот на возилата започната со Fiesta. Применета е на контролната табла и плутачкиот екран од инфо-забавниот систем чувствителен на допир, но тоа не е сé. Од Ford тврдат дека новиот со дизајн на внатрешноста Transit Custom сега нуди 25 литри повеќе простор за нозете, како и три отворени дела кои се наоѓаат на горната површина. Користените материјали се опишани како атрактивни и доста издржливи, што и мора да се очекува од комерцијално возило од категоријата од еден тон, додека комплетно редизајнираните панели на вратите имаат нови ракофати и обезбедуваат повеќе место за одлагање на секогаш неопходните ситници.

И за новиот Ford Transit Custom се наменети истите моторни опции како и за Tourneo Custom – врвниот EcoBlue мотор кој сега е поефикасен за 13% и има подобар вртежен момент на ниски режими на работа за 20%. Најштедливата опција во просек троши 5,7 литри на 100 km и емитува само 148 g/km јаглен диоксид благодарејќи на старт-стоп функцијата, комплетот пневматици со низок отпор на тркалање, контролата за забрзување и максималната брзина лимитирана на 100 километри на час.

Скоро истовремено со новите верзии на Tourneo и Transit Custom, од Ford стигна известување дека компанијата ќе инвестира 52 милиони американски долари за зголемување на капацитетите на фабриката во Турција, каде во соработка со Koç Holding се произведуваат и овие возила. Причината е зголемената побарувачка на лесните комерцијални возила на марка во Европа. За да одговори на барањата на пазарот, Ford планира да го зголеми производството за 12% односно за околу 40.000 возила годишно, со што од оваа фабрика ќе се испорачуваат по 330.000 возила секоја година. Планирано е активностите да завршат идната година, по што ќе бидат монтирани дополнителни роботи, брзината на монтажната лента ќе биде зголемена, а капацитетите на лакирницата проширени. Оваа инвестиција има и стратешко значење бидејќи за 2019 година е планирано лансирање на plug-in хибридна верзија на Transit Custom.

Според Ford, благодарение на семејството Transit, марката е лидер на европскиот пазар во класата лесни комерцијални возила со учество од 13,2%.