Ford Transit

Ново руво за владетелот

Владетелот во европскиот доставен сегмент доби ново руво

Го знаеме уште од 1965 година и секогаш бил на врвот. За да остане таму, Ford редовно го обновува. Transit како и секогаш, и овојпат донесе некои интересни новини. Иако доста сличен на досегашната верзија, овој двотонски модел се истакнува со својот помодерен дизајн. Визуелните измени ги опфаќаат новата предна маска, дотераниот браник, хромираните детали, ксенон предните и ЛЕД дневните светла. Конструкцијата му е олеснета со некои делови од каросеријата направени од алуминиум, со што автоматски е зголемена носивоста.

Во гамата мотори се наоѓаат дотераниот 2.0 EcoBlue дизел во верзии со 105, 130, 170 и 185 коњски сили, сите со старт-стоп систем. Стандардно ќе се добиваат со 6-степен мануелен менувач, додека од 2020-та година ќе биде понуден и со 10-степени автоматик. Серво управувањето е електрично, а 48-волтниот микро-хибрид систем ја подобрува економичноста. Подобрената конструкција на турбокомпресорот на сите верзии обезбедува поголем вртежен момент во поширок дијапазон, а економичноста во споредба со претходникот е подобрена за 7%.

Ford за Transit има предвидено и богата безбедносна опрема – активна асистенција при паркирање, одржување на возилото во коловозната лента, адаптивен темпомат, систем за надгледување на мртвите агли, препознавање на сообраќајните знаци, детекција на пешаците, предна и задна камера… Тука се и интелигентните технологии како системот за комуникација PassConnect кој осигурува оптимизирање на логистичките задачи, системот за ефективно возење Efficient Drive Mode и други нешта кои се од голема помош за возачот.

Обновениот Transit ќе стартува со продажба кон средината на следната година. Ќе се произведува во Турција, а на располагање ќе биде во преку 450 варијанти со преден, заден или 4×4 погон, повеќе меѓуоскини растојанија и Panel Van, Crew Cab, Tipper и Chassis Cab каросериски изведби.