Започна производството на најнапредниот камион во Америка
Новата перјаница на американската дивизија на Daimler, Freightliner Cascadia, тргна на својот пат кон освојување на купувачите
Freightliner Cascadia е камион од тешката категорија класа 8 според американската категоризација, од оние со кои во САД се врши 70% од целокупниот транспорт на стоки. Со строго дефинирани и одамна поставени спецификации, за разлика од Европа таму ретко се менуваат технологиите, уште поретко појавува сосема нов модел на камион. Затоа и значењето на новата Cascadia е повеќе отколку обична вест дека овој камион започнал да се произведува. Мора да кажеме сосема заслужено, бидејќи настанат со инвестиција од 300 милиона долари и петгодишна работа и истражување на околу 800 инженери колку што беа ангажирани, тој е најнапредниот камион во Северна Америка. Доаѓа како наследник на популарните серии Cascadia и Cascadia Evolution кои долго време се најпродавани камиони во својата класа, но за разлика од нив има намалена потрошувачка на гориво за значителни 8%. Потенцијалот на проектот SuperTruck II од кој настана новата Cascadia беше препознат и од американската влада, поточно од министерството за енергија, кое со во склоп на својата програма за поддршка на развојот на технологии кои имаат за цел зголемување на ефикасноста и намалување на потрошувачката на гориво, му помогна на Freightliner со 20 милиони долари дотации.
Од производителот истакнуваат дека доста време имаат потрошено на унапредување на аеродинамиката. Така Cascadia има елиптично обликувани ретровизори, целосно покриен долен дел од кабината, интегрирана антена… Моторот е пониско поставен со што освен овозможувањето да се креира позаоблен преден дел, обезбедува и полесен пристап до компонентите. Секако, и механиката има клучна улога во подобрувањето на ефикасноста, посебно оптимизираната автоматската трансмисија. Карактеристично за американскиот пазар е што производителите на камиони освен со сопствени ги нудат своите возила и со клучните компоненти од други производители, кои место конкуренти се третираат како партнери. На овој начин им е овозможено на големите клиенти со мешан возен парк поедноставно одржување на возилата и намалување на трошоците за тоа.
Целиот потенцијал Freightliner Cascadia сепак ќе го покаже со Detroit Diesel механика. Се опремува со три мотори од нивно производство, плус уште еден од Cummins, со распон на силата од 350 до 600 коњски сили. Мануелните менувачи се на Eaton со 9, 10, 13, 15 и 18 степени на пренос, а автоматиката на Detroit Diesel има 12 степени. По желба може да биде опремен и со три вида Allison автоматска трансмисија и оски од Meritor. Трите типа на кабини доаѓаат во вкупно шест големини, а опременоста внатре вклучува и голем телевизор, ладилник и микробранова печка. Креветот се спушта за шест секунди, а ЛЕД осветлувањето е стандардно.
Епитетот најнапредниот камион во Америка Freightliner Cascadia го заслужува со бројните современи безбедносни системи, вклучувајќи ги и Active Brake Assist, Adaptive Cruise Control и Lane Departure Warning, кои доаѓаат како дел од стандардната опрема. Треба да се спомене и системот за препознавање на пешаците и велосипедистите, чиј радар ги лови невнимателните на 50 метри пред возилото. Значајно е и тоа дека новата Cascadia е камион со најголеми можности за поврзување. Овој тренд во Америка е сé поизразен и веќе опфаќа преку 180.000 меѓусебно поврзани камиони кои преку системите разменуваат информации кои помагаат за поголема ефикасност во работењето. Затоа и стручната јавност за Freightliner Cascadia на шега вели дека е најголемиот мобилен уред на пазарот. Телематиката која исто така е дел од конективните технологии овозможува далечинска софтверска надградба на системите на камионот, вклучително и оние за моторот и трансмисијата, без потреба тој да се носи на сервис.
Daimler Trucks North America е најголем производител на камиони во Америка кој опфаќа 42,6% од пазарот во САД и Канада. Моделите Cascadia се лансирани во 2007 година и од тогаш се продадени во преку 412.000 примероци. Пред нивното појавување, Daimler имаше 34,5% пазарно учество. Од новиот камион се очекува не само да продолжи, туку и да го подобри нивниот успех. Првите возила ќе ги добијат 12 транспортни компании во САД кои во последните шест години имаат набавено дури 60.000 (со зборови: шеесет илјади) камиони од овој модел, за кои на Daimler вкупно му имаат платено 9 милијарди долари. Новиот модел ќе биде за околу 15.000 долари поскап од досегашната генерација.