Freightliner Inspiration Truck

Инспирирано од иднината

► Американските власти одобрија првиот камион што сам може да вози да учествува во редовен сообраќај

Со добивањето на регистарските таблички, американскиот Freightliner Inspiration Truck прв го започна долгото патување кон иднината. Неговиот автономен систем кој му овозможува сам да вози од корен ќе го промени патниот транспорт, не само во Америка. Највизионерски беа властите од сојузната држава Невада, чии таблички гордо ќе ги носи овој автономен камион. Базиран на сериски произведуваниот Freightliner Cascadia, тој е опремен со автопилот систем кој е само на чекор од сериското производство. Технологијата на која се базира автономното возење ја овозможуваат предниот радар и стерео камерата, дополнети со веќе испробаните и постоечки системи за асистенција.

За да ги добие регистарските таблички технологијата мораше да помине интензивни тестови за усогласување на меѓусебната интеракција на засебните компоненти. Дел од тестирањата беше и маратонското возење во должина од 16 илјади километри на тест патеката во Папенбург, Германија, која вообичаено ја користи Daimler, матичната компанија на Freightliner. Ракувањето со самиот камион е едноставно – кога возилото ќе биде на автопат возачот го активира автономниот систем, ја подесува брзината и толку. Тој понатамошното патување може да го помине релаксирано, а камионот сам, со помош на комплексниот радарски систем стерео камери сам си вози каде треба, надгледуван од електрониката која му оневозможува да ја напушти лентата на возење и активниот темпомат кој го следи сообраќајот и ја прилагодува брзината према останатите возила. Системот за превенција од судар се грижи за безбедноста, а при возење низ свиоци автопилотот сам го врти управувачот. Секако, автономното возење е можно и во сообраќајните шпицови и застои, при што возилото само застанува и тргнува. Во оваа фаза на развој престигнувањето на побавните од себе, престројувањето и свртувањето на раскрсниците ќе го прави само возачот, кој во секое време може да ја презеде целосната контрола над камионот на иднината.

Според производителот, автономните камиони ќе имаат помала потрошувачка и емисија на издувни гасови, а безбедноста на сообраќајот ќе се зголеми. Првичните тестови покажуваат подобрување на економичноста за 5%. Во однос на тоа, Freightliner веќе има развиено концепт на супер-камион, кај кој со интензивна употреба на аеродинамични оптимизирања, бројни напредни технологии и лесни материјали е постигната потрошувачка од 19 литри на 100 km при брзина од 100 km/h и со вкупна маса на возилото од 29,5 тони. Заслуга за вака ниската бројка која е за 53,5% подобра од стандардниот модел од кој е изведен концептот има и технологијата за предвидување на сообраќајот која функционира со помош на навигациски систем и дигитални 3Д мапи, употребена и кај автономниот Freightliner Inspiration Truck.