Глобален пазар на градежна механизација

Во 2020 година 270 милијарди долари за механизација

Аналитичарите предвидуваат дека до 2020 година глобалниот пазар на градежна механизација ќе достигне вредност од 270 милијарди долари


Поголемите приходи на компаниите и зголемената побарувачка на пазарите во развој ќе бидат носители на растот на глобалниот пазар на градежна механизација, кој во периодот 2016-2020 година се очекува да порасне за 11%, на вкупно 270 милијарди долари. Порастот нема да биде еднакво распределен ниту географски, ниту меѓу добавувачите на опрема. Најголем ќе биде во регионите каде има потреба од засилена урбанизација и развој на инфраструктурата, кои всушност и ќе бидат генератори на порастот на побарувачката за градежна механизација. Од друга страна пак, во наведениот период посебно помалите градежни компании ќе се соочат со тешкотии со набавката на потребната опрема, што ќе ги натера производителите наместо да им ја продаваат, да им ја изнајмуваат на подолг период. Клучни глобални играчи меѓу добавувачите на градежна механизација ќе бидат JCB, Hitachi и Caterpillar.

JCB-2

Сериозен импулс за зголемувањето на глобалниот пазар на градежна механизација ќе има сегментот на машините за земјани работи – багерите, натоварувачите и булдожерите, односно earthmoving equipment на англиски. Нивното учество во вкупниот колач ќе биде најголемо и ќе изнесува околу 70 милијарди долари. Главните индустриски гранки кои ќе го предводат ова се експлоатацијата на минерали и природни ресурси. Не е занемарливо ниту очекуваното зголемување на инвестициите на многу влади ширум светот во станбената и инфраструктурна изградба, што ќе повлече со себе пораст и на некои други сегменти од пазарот на градежна механизација, пред сé машините за манипулација со материјалите, но и поголема диверзификација на веќе постоечките портфолија производи на машините за земјани работи. Тука треба да се споменат и секторите на опрема за бетон и бетонирање и асфалтирање, кои се очекуваат годишно да растат и до 6%, посебно во азиско-пацифичкиот регион каде во моментов се градат 74% од облакодерите во светот. Во овој период се очекува и почетокот на реализацијата на еден ултракапитален проект – патот на свилата, инфраструктурна мрежа која ќе ги спои централна Кина, централна Азија, Русија и Европа.

hitachi_excavators_large