Ровокопачи за 30 општини
Преку проектот за подобрување на општински услуги кој го спроведува министерството за финансии, 30 општини добија ровокопачи кои ги испорача фирмата Синпекс од Битола
Механизацијата во вредност од 45,7 милиони денари кои се обезбедени како грант средства од ЕУ треба да обезбеди подобри општински услуги за околу 300.000 граѓани кои живеат во овие главно рурални општини. Станува збор за општините Берово, Чешиново Облешево, Крива Паланка, Радовиш, Демир Хисар, Василево, Македонски Брод, Маврово и Ростуше, Дебрца, Неготино, Пехчево, Виница, Пробиштип, Македонска Каменица, Ранковце, Кратово, Конче, Карбинци, Крушево, Кривогаштани, Босилово, Ново Село, Кичево, Пласница, Дебар, Центар Жупа, Струга, Вевчани, Демир Капија и Кавадарци. На потпишувањето на договорот за примопредавање на механизацијата присуствуваа министерот за финансии Драган Тевдовски и раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија Никола Бертолини.
– Механизацијата ќе придонесе за подобрување на условите за живот за граѓаните на повисоките места, како и во руралните општини. Таа ќе овозможи непречено извршување на општинските услуги – расчистување на патишта во различни временски услови, редовно чистење на канали, регулација на речни корита, превенција на поплави и други активности, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски. Тој посочи дека ваквите инвестиции, без разлика на висината, значат многу за локалното население бидејќи решаваат реални проблеми и ги подобруваат условите за живот во општините. – Проектот за подобрување на општински услуги, кој го спроведува министерството за финансии со поддршка на Европската комисија и Светска банка ја има токму таа цел – преку инвестиции во локални патишта, водоводи, градинки, училишта и друго, да се подобри животот на граѓаните во сите општини во земјата, додаде Тевдовски.
Бертолини пак рече дека согласно најновиот извештај на Европската комисија земјата е поблиску од кога било до започнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој посочи дека со овој грант 30 општини ќе можат да ги подобрат своите услуги кон локалното население, како чисти локални патишта, канали и водоводи. Министерот за финансии истакна и дека има добра реализација на проектот за подобрување на општински услуги од околу 80%. Тој истакна дека се обезбедени механизација, фотоволтаични уреди, дека се работи на изградба на градинка, општинска зграда, локални улици и голем број други проекти.
Машините што се обезбедени се мултифункционални, производство на компанијата Hidromek од Анкара, од моделот 102B со дополнителна опрема чекан и плуг за снег. Станува збор за робусни комбинирани ровокопачи-натоварувачи во чиј развој се вложени 30 години искуство и контакти со купувачите со цел да се направи машина што точно ќе ги задоволува нивните потреби и очекувања. Се одликува со одлични перформанси, висока продуктивност и комфор за операторот. Моторот е 4,4 литарски Perkins со 100 коњски сили, а менувачот автоматски со 6 степени нанапред и 3 наназад. Хидрауличниот систем е од отворен тип со двојна пумпа, стандардната повеќенаменска корпа за натоварување е со капацитет од 1,1 m³, а онаа за копање од 0,17 m³. Hidromek 102B важи за една од најголемите машини во својата категорија. Има должина 6,09 метри, широчина 2,29 и височина 2,99 метри. Тежи 9.100 килограми и постигнува максимална брзина од 40 километри на час.