Hitachi EH3500AC-3

Еден од технолошки најнапредните дампери во светот

Овој дампер e направен да работи најефикасно во најтешките услови

EH3500AC-3 е најмал од серијата дампери на Hitachi, но тоа воопшто не значи дека е мал. Не ни може да биде со корпата од 117 кубни метри и носивоста од 181 тон. За нивно опслужување е задолжен Cummins QSKTA50CE Tier 2 моторот со работна зафатнина од 50,3 литри и максимални 2.000 KS и 7.871 Nm кои ги остварува при 1.500 вртежи во минута. Иако EH3500AC-3 е тежок 141 тон, овој 16-цилиндричен мастодон ќе го потера до брзина од 56 km/h. Преносот е електричен со алтернатор од 1.500 kVA и два наизменични мотора без четкички со по 620 kW поврзани со тркалата. Должината му изнесува 13,56 метри, широчината 9,13 а височината 7 метри. Опремен е со пневматици со димензии 37.00R57, а за вртење му треба простор со дијаметар од 29,3 метри.

Своите најимпресивни перформанси Hitachi EH3500AC-3 ги остварува кога работи со ултраголемите багери EX2600-6, EX3600-6 или пак EX5600-6, кој го полни во само три потега. Напредниот AC Drive систем овозможува непречено и брзо работење, без разлика дали дамперот тргнува, вози по угорници или маневрира. Системот за контрола на теренот ги намалува ударите и отскокнувањата на нерамна подлога и при застанување. Системот за странична контрола ги намалува шансите за излизгување кога дамперот свртува на лизгави површини со менување на вртежниот момент на електромоторите на тркалата во свиоците. Со намалување на пролизгувањето на тркалата при забрзување и нивното блокирање при кочење се спречува осцилирањето на шасијата и се постигнува високо ниво на контрола на однесувањето на самиот дампер.

Едноставното ракување го обезбедува пространата кабина со две седишта и голем повеќејазичен ЛЦД екран кој на операторот му пружа јасен преглед над функционирањето на дамперот – брзината на возење, бројот на вртежи на моторот и сé друго што е неопходно за перформансите, безбедноста и лесно одржување. Забрзувањето и кочењето се контролираат со двете педали, а рачките и прекинувачите се наоѓаат на централната конзола во близина на операторот и се лесни за користење. Видливоста околу машина е подобрена со интегрирање на стратешки распределените огледала и камери, како и со поширокото предно стакло на кабината.

Животниот век на опремата е витален фактор за успех во рударството. Hitachi своите дампери ги подложува на ригорозни тестирања за да се обезбеди долгорочна издржливост во тешки услови за работа. Докажаната технологија, вклучувајќи го и напредниот електричен преносен систем развиен за јапонските брзи возови, обезбедува стабилна работа, висока продуктивност, безбедност и ефикасност. Технолошки напредни, дамперите на Hitachi се и лесни за маневрирање и непречено ракување. Доста интересен додаток е и пантограф системот кој овозможува Hitachi EH3500AC-3 да се напојува со погонска струја од надворешна мрежа, со што се штеди гориво и намалуваат емисиите.