Hitachi EX5600-6 Excavator

Багер – гигант

Кога еден натоварувач има капацитет на лопатата од 29 кубни метри и кога неговата оперативна тежина изнесува 533 илјади килограми, тогаш станува јасно дека говориме за вистински џин од багер

Hitachi сака да се докажува во областа на екстремно тешките и капацитетни работни машини. Доволно е да се погледнат димензиите на багерот EX5600-6 па да стане јасно дека физички ситните јапонски инженери сакат да конструираат машини со екстремно високи капацитети. Како илустрација на димензиите нека послужи начинот и бројот на скалила кои му се потребни  на операторот за да се искачи до своето работно место. Згора на сé, багерот натоварувач – EX5600-6 може да функционира со лопата или со натоварувачка корпа – е конструиран да работи 24/7. Всушност единствениот ограничувачки фактор за неговата екплоатациска ефикасност е останатиот машински парк кој треба да е димензиониран адекватно на неговиот капацитет. Да не заборавиме и на огромниот “апетит“ на натоварувачот, неговата корпа само во еден циклус може да понесе материјал од 34 метри кубни!

Механика

Кога говориме за багерот Hitachi EX5600-6 во прва план избиваат бројките. А тие говорат дека за погон и покренување на сите хидраулични системи, се употребени два дизел мотора со по 1.500 КС, односно вкупно 3.000 КС (со зборови: три илјади коњски сили) се задолжени да го опслужуваат ова железно брдо кое во оперативна состојба тежи 533 тони (во случај на монтирана натоварна лопата) или пак 537 тони кога на него е монтирана корпа. Моторот (односно моторите) е позајмен од Cummins има работен волумен од 50 литри (!) а горивото го црпи од резервоар со капацитет од 11.300 литри. Добро, контролната електроника преку оптимизација на системите, ќе се погрижи таа количина на гориво да се користи и домаќински, и ефикасно. Најголемиот дел од силината е ангажирана за покренување на 12-те хидраулични пумпи со променлив волумен, кои работат под максимален притисок од 29,4 MPa. Осум од нив имаат капацитет од 375, додека 4 се со проток од 425 литри во минута.

За изработка на носечката структура се користени копјутерски симулации, со што е овозможено оптимизирање на носечките делови и зајакнување на сите точки кои трпат екстремни оптоварувања.

Бидејќи говориме за гигантски капацитети нека го завршиме овој дел со димензиите: должина 12,6 m – широчина 10,08 m – височина 8,6 м. Колку да се знае за што говориме.

Работен амбиент

Спротивно на надворешниот груб изглед, кабината е конструирана со многу внимание кон операторот. Заштитата од груби удари исто како и заштитата од бучава се изведени на повеќе нивоа. Тој факт заедно со автоматскиот лизгачки кокпит овозможуваат одлично прилагодување за максимална видливост при специфични работни услови, а сите заедно претставуваат основа за зголемена продуктивност и ефикасност на операторот.

Командите се поставени идентично како и кај останатите багери на Hitachi што значи дека двата електрични “џојстика“ се на своите природни позиции со таа разлика што на големиот 10.5 инчен дисплеј може да се отчитат сите релевантни податоци на машината. Поставените камери ги покриваат сите тешко видливи позиции а многубројните сензори ќе се погрижат за благовремено алармирање на евентуалните неправилности.

Ефикасното одржување на температурата и неколкукратното филтрирање на воздухот кој навлегува во кабината претставуваат квалитети кои во оваа класа се одамна поставени на ниво на стандардна опрема.

Капацитети и одржување

Кога се говори за работни машини од овој калибар, квалитетното одржување е едно од главните поглавја. Најпрвин цел еден систем од сензори е задолжен за пратење на сите релевантни параметри. Податоците добиени од нив и анализирани од посебни комјутери најпрвин може да се отчитат на големиот дисплеј во кабината а за потребите на механичарите сите тие податоци се меморираат во посебна единица. Најблиско објаснување на системот е функционирањето по принцип сличен како “црните кутии“ кај авионите.

За потребите на визуелна инспекција сите индикаторски точки се логично сместени сместени и групирани на достапно место. Важно е да се напомене дека главните филтри за воздух имаат посебен систем за самопрочистување.

Во принцип, Hitachi EX5600-6 е конструиран со минимални барања за интервенции како би се овозможило машината да работи непрекинато во текот на работната недела. Иако делува застрашувачки, поголемиот дел од обврските се отстапени на контролните системи.

Ако се осврнеме на капацитети би ни требало двојно поголем простор од овој кој ни е даден на раполагање. Можеме да напомнеме дека машината

има ротациска брзина од 3,3 вртења во минута и дека може да се движи со брзина од 2,3 км/ч. Признаваме одлични перформанси за “челична коцка“ со апроксимативни димензии од (10x10x10) m.

Адекватност за нашиот пазар

Ангажирање на натоварувачки багери од типот на Hitachi EX5600-6 подразбира потреба од извршување на обемна работа на површински копови или секаде каде што е потребно поместување на големи количини на теренски материјал. Ако земеме предвид дека веќе е започната изградбата на автопатски делници а во блиска иднина ќе започне и изградба на поголемите националните патишта, потребата од ангажман на капацитетен багер-натоварувач станува неопходност. Секогаш како константна потреба од машини со високи перформанси се и површинските рударски копови како и изградбата на големи инфраструктурни објекти.