Hitachi Zaxis 5G

Вертикален ископ

Телескопскиот багер со преклоплива корпа може да копа до длабочина од 25 метри и веднаш потоа ископаниот материјал за кратко време да го натовари на камион

Серијата Zaxis 5G на Hitachi дефинитивно изгледа сосема поинаку од обичните багери. Попрво би рекле дека станува збор за некој хибрид при што се вкрстени телескопска дигалка и класичен багер. Кога подетално ќе се погледне машината, впечатокот се повеќе се појачува. Таа навистина ги спојува позитивните особини на телескопска дигалка и на багер наменет за ископ. Разликата се прави во корпата која во случајот мора да биде преклопна.

И токму во таа специфика се крие извонредната ефикасност при копањето на големi длабочини. Телексопската работна рака може во вертикала да копа до длабочина од цели 25 метри и потоа во брз циклус да го истовари ископаниот материјал и повторно да се нурне во ископување под земја.

За да стекнеме впечаток околу димензии ќе кажеме дека преклопната корпа има широчина од 2.320 mm со чија помош се овозможува капацитет од 1,30 m³.

Поглед надолу

Поради природата на апликациите класичниот багер има претрпено неколку измени. Пред се кабината на операторот е померена за 960 mm нанапред со тоа што таа е лизгачка и може да се помери за уште 1.300 mm, должина која во конечница резултира со вкупно померување од 2.260 mm. Со ова решение на операторот му е обезбеден чист вертикален поглед кон подземната работна локација. Отежнатиот пристап до наново дизајнираната кабина е решен со посебно газиште и заштитна ограда.

И откако ќе се смести на своето работно место, но и откако ќе ги совлада основните функции на машината, операторот ги ужива сите благодети на високата технологија. Овде мислиме на пријатниот амбиент потоа на безбедната и секако на одлично изолираната кабина.

Механички специфики

Основната разлика помеѓу крановите и Zaxis 5G серијата на Hitachi се состои во поставеноста на телескопската работна рака. Нејзината вкупна должина од 12.130 mm е поделена во одреден однос па така е создаден ефектот на лост, решение со кое драматично се зголемува ефикасноста на машината.

За погон на телескопската рака, освен хидрауличната сила, се користат и двојни јажиња. Иако при нивната изработка е користена посебна технологија, работниот век им изнесува 1.800 часови, по што тие треба да се заменат, а тоа пак за среќа претставува прилично едноставен зафат.

Во случај на ненадејно кинење на едно од јажињата, работата може да ја заврши другото јаже, но во секој случај корпата ќе се закочи и нема да дојде до небезбедно испуштање на натоварениот материјал. Исто така, при преоптеретување на корпата (и јажињата) операторот веднаш се опоменува со палење на индикатор и со звучен сигнал.

За постабилна работа на ZX330LC предвидени се за поставување два типа на контратегови. Првиот стандарден и вториот кој посебно се поставува за работа на потесни простори. И во двата слуачаи говориме за тежина на контратегот од 10.400 kg.

Како погонски агрегат се користи нов дизел позајмен од Isuzu кој од линиски шест цилидри со работен волумен од 7.790 ccm развива 246 КС. Од останатите стандардни карактеристики да го издвоиме и дво-степенскиот пренос кој во побрзиот преносен однос успева да го забрза багерот до максимални 4,9 км/ч.