Hitachi ZH210LC Hybrid

Хибридна технологија во багер со средна големина

► За да излезе во пресрет на сé погласните негодувања околу заштита на животната средина, Hitachi во својот багер со средна големина вградува хибридна технологија. Резултатот од заедничкото дејство на хидрауличниот и електричниот мотор е повеќе од охрабрувачки – потрошувачката е намалена за 31%.

Додека траат диксусиите околу ограничените ресурси на фосилни горива, производителите на моторни возила и машини силно се посветени за зголемување на ефикасноста на моторите со внатрешно согорување.

Еден од принципите кои со сигурност дава добри резултати, секако е примената на хибридната технологија.

Ако кај патничките возила хибридниот погон подразбира заедничко дејство на бензиски (или дизел) мотор со електромотор, кај работните машини спецификата се однесува на комбинацијата на хидрауличен (хидростатски) мотор со електромотор.

Уште една разлика во принципите на работа помеѓу хибридните погони кај возилата и работните машини, паѓа во очи уште на прв поглед. Електромоторите кај возилата акумулираната енергија ја црпат од сет на (литиум-јонски) батерии, додека кај машините електричната енергија се акумулира во капацитетни кондензатори.

Како тоа го прави Hitachi

Во примерот на Hitachi говориме за заштеда на гориво која се движи во границите помеѓу минималните 31 па се до 37%. Процентот на заштеда зависи од работниот режим на машината како и од оптеретувањата. Најголема заштеда се остварува во ECO модот, со тоа што компарациите се правени во однос на основниот модел ZX210.

Хибридниот погон пред сé се однесува на ротацискиот, горен дел на машината. При сопирање на ротациското движење се генерира електрична енергија која се складира во големи кондензаторски системи. Моторот за ротирање може да ја користи силата од хидростатскиот мотор или пак од додатно вградениот електромотор кој електричната енергија ја црпи од кондензаторите. Системот функционира паралелно што значи дека и двата мотора можат истовремено да дејствуваат. Менаџментот со работата на двата различни по тип мотори го врши посебна електронска единица.

Во пракса хибридниот систем функционира меко и без прекини, така што операторот воопшто не го чувсвтува прелевањето на силината од хидрауликата на електрика и обратно.

Во драматичното намалување на потрошувачката на погонскиот дизел мотор свој придонес дава и новиот хидрауличен систем, TRIAS HX. Составен од три хидраулични мотори и три контролни вентили, системот ги намалува загубите на притосок контролирајќи го прецизно секое движење.

Врвни перформанси

Во однос на класичниот багер ZX210-5, хибридниот Hitachi ZH210LC Hybrid ги задржува сите карактеристични вредности. Разликата се прави само во зголемената економичност која по кратка експлоатација, веднаш ја оправдува првичната инвестиција во хибридот.

Хибридниот багер на Hitachi и понатаму е доверлив, цврст, практичен и разноврсен. Кога говориме за разноврсноста треба да се знае дека сите 11 мода за различни приклучоци, стојат на располагање. Сите тие операции се изведуваат со иста прецизност и кај двата модела. Разликата се прави единствено во потрошувачката на гориво.

Постоечка основа

Хибридниот Hitachi ZH210LC Hybrid е изграден врз цврстите основи на базниот ZX210-5 Zaxis. Иако е хибридно впрегант, дури и погонскиот мотор е идентичен, а тоа значи дека од работен волумен од 5.190 ccm распределен во четири цилиндри, се извлечени максималните 164 КС. Оперативната тежина на багерот се движи помеѓу 21.700 и 22.800 kg, а корпите кои се ставени на располагање можат да понесат помеѓу 0,51 и 1,20 m³. И се разбира сето тоа спакувано со максимален респект спрема потребите на корисниците, и со употреба на врвни материјали.

Разгледувајќи ги сите основни параметри на багерот со средна големина на Hitachi доаѓаме до заклучокот дека примената на хибридната технологија носи бенефит во смисла на помала потрошувачка, и тесно поврзано со тоа, помала емисија на штетни гасови. Единствен недостаток на вградениот хибриден систем е зголемената цена на багерот, но и тоа се покажува како релативен податок поради тоа што почетната инвестиција многу брзо со враќа преку помалата потрошувачка на гориво.

Во случајот на ZH210LC Hybrid, Hitachi практично докажува каде се кријат огромни резерви за намалување на трошоците за гориво. И да не заборавиме, хибридниот погон е применет само во сегментот на ротирање на горниот дел на машината. Експертите веќе работат и на оптимизирање на целиот хидрауличен систем. Во крајна инстанца тоа позитивно ќе се одрази во сочувување на природната средина, односно врз здравјето на сите нас.