Hitachi ZX145W-6

Hitachi не сака компромиси

Багерот на тркала ZX145W-6, јапонските конструктори го развиле исклучиво за европските пазари. Токму затоа овој Hitachi и ги исполнува сите очекувања на клиентите кои преферираат ефикасност и економичност притоа почитувајќи ги сите еколошки стандарди

Ознаката „6“ на крајот од комплексното име говори дека станува збор за наследник на докажаната серија „5“. Новиот јапонски претставник во класата до 15 тона сега има поголем мотор, видно подобрени динамички својства, нова хидраулика и прегршт современи компоненти за пратење и контрола на работа на багерот.

Во суштина, говориме за универзален багер кој се движи со помош на (двојни) тркала но кој во зависност од природата на работната апликација има можност да се потпре на предното секало и на хидрауличните потпирачи сместени на задниот дел на машината. Со ова решение се овозможува оперирање со поголеми товари без притоа да се оптеретат тркала, а добро е познато дека тој факт во голема мера го штеди целиот систем за движење.

Роден за урбани средини

Проблемот на багерите кои се движат со помош на гасеници е што при работа во урбани средини може да го оштетат асфалтот или уредените патеки. Токму затоа во ZX145W-6, Hitachi вградува двојни тркала со што тие штети се минимизираат. Кон овој урбан карактер се прилагодени и сите останати особини на багерот. Тоа значи голема подвижност и снаодливост на тесен работен простор без притоа да биде загрозена примерната ефикасност.

Во постигнувањето на таа цел заслуга има и сместувањето на работната рака која е повлечена наназад кон централниот дел на машината. Кога сме веќе кај работната рака да истакнеме дека Hitachi на располагање става една моноблок како и една зглобна работна рака. Разликата помеѓу нив е токму во фактот што зглобната рака уште повеќе ја истакнува можноста за оперирање во просторно ограничени средини. И двете работни раце може да бидат комбинирани со стрели кои се достапни во три должини: 210, 252 и 301 cm.

Сите погонски склопови ги движи современиот дизел мотор на кого стои потписот на Deutz. Четирите цилиндри имаат работен волумен од 4.038 ccm кои при 2.000 вртежи во минута истиснуваат 143 КС (105 kW). И сега доаѓаме до моментот кој јасно ни става до знаење, што точно значи про извод наменет за европските пазари. Моторот ги исполнува најновите норми EU Stage IV против загадувањето на природната средина. Тоа е постигнато со вградување на DPF филтер против партикуларните честички како и SCR систем кој ги елеминира азотните оксиди. На овие решенија сега се приморани и автомобилските производителите кои ги нудат своите возила на европскиот пазар.

Колатерална добивка од применета на најновата технологија е што новиот мотор, иако поголем, за цели 9% е поштедлив од неговиот претходник.

Оперативната тежина од максималните 17.200 kg не претставува никаков проблем во постигнувањето на извонредната динамика на багерот. Иако на прв поглед небитен факт, забрзувањето од мирување до постигнување на 30 км/ч сега се постигнува за цели 35% побрзо. Кога ќе се земе предви намената на машината која треба во брзи циклуси да маневрира на тесен простор, тој податок посебно добива на тежина.

Оптимално позиционирање

Во Hitachi ZX145W-6 може да се вградат корпи со големина помеѓу 0.19 и 0.66 m3. Со тие големини оперира и конкуренцијата, но специфика на оваа машина е што двете секачи може да се позиционираат под агол кој е најефикасен за извршување на односната апликација.

Дури и при такво позиционирање операторот има целосна контрола над машината која е овозможена од одличната видливост на сите страни. Додатно, кабината е изолирана како од механички вибрации така и од бучавост. Логично распоредените команди кои се извонредно лесни за употреба воопшто и не би требало да ги споменуваме. Исто како и лесното оддржување и сервисирање, операции кои се крајно поедноставени. Во тој дел значаен придонес има и операторот кој сите параметри и подесувања на машината може да ги следи на големиот седум инчен екран. Истото може да го прават и логистичарите кои онлајн може да ги следат истите вредности како и да добиваат периодични извештаи. Тој момент е од исклучителна важност за долговечноста на машината бидејќи добиените информации овозможуваат благовремена и прецизна акција на сервисерите во превенирање на евентуалните оштетувања.

Од многубројните системи вгардени во ZX145W-6 ќе го споменеме уште и HIOS IV системот кој овозможува намалување на хидрауличните загуби, односно за зголемување на економичноста и ефикасноста на машината. А токму по тие особини, нели, ги препознаваме јапонските производители.