Hyundai H350

Корејците го меркаат и американскиот пазар

Непосредно пред почетокот на производството на доставниот Hyundai H350, се проширија вести дека корејската марка има планови со него да настапи и на американскиот пазар

Основата за ваквите тврдења лежи во објавените инвестиции од околу 1,8 милијарди долари кои треба да се потрошат до 2020 година за офанзива во секторот на комерцијалните возила, како и во фактот дека на петтиот најголем светски производител не му се допаѓа регионалната разграниченост на овој доста профитабилен пазарен сегмент. И додека ние во Европа во H350 гледаме вистински и сериозен конкурент на Ford Transit и Mercedes Sprinter, Корејците го сфаќаат како алатка со која ќе ги придвижат нештата кон глобализација и на ова поле. Заради тоа и не треба да чуди висината на најавените инвестиции, од кои само дваесетина отсто би биле за засилување на капацитетите за производство на комерцијални возила од сите типови (комбија, камиони и автобуси) во матичната земја од сегашните 65 на 100 илјади возила годишно – остатокот е предвиден за развој на нови модели и мотори за нив.

Во поглед на пазарната распространетост, Соединетите Држави се втори по значење за корејската марка, веднаш по Кина, така што присуството таму и во овој сегмент претставува предизвик како за самите себе, така и за нивните ривали. За европскиот пазар Hyundai веќе започна со производство на H350 во Турција, со помош на нивниот партнер Karsan. Овој модел е прво вакво возило на компанијата – Hyundai досега беше присутен, и тоа доста скромно, во полесната еднотонска категорија. Амбициозноста на плановите со H350 се потврдува и со тоа што тој е конструиран, дизајниран и развиен во Европа за продажба на европските пазари. Поставен е на флексибилна платформа која поддржува три типа изведби – комби, минибус и шасија со кабина. Затворената доставна верзија декларирана на 3,5 тони ќе биде на располагање со должини од 5,5 или 6,2 метри и ќе има простор за товар до 12,9 кубни метри, доволен за превоз на пет еуро-палети. Носивоста ќе му се движи до 1,4 тони, а ќе може да влече и приколка со тежина до 2,5 тони. Минибусот ќе се произведува со капацитет до 13+1 седиште, со избор од повеќе конфигурации на нивниот распоред и влезните врати. На шасијата со кабина пак ќе можат да се изведат специјализирани надградби со габарити од 4×2,3 метри во должина и ширина. За погон ќе биде задолжен 2,5 литарски четирицилиндричен Euro 5 мотор со 150 или 170 KS, кој ќе ги задвижува задните тркала. Првата варијанта располага со 373, а втората со 422 Nm, а и двете се спарени со шестстепен мануелен менувач.

Продажбата на Hyundai H350 веќе е започната во девет европски земји, а во текот на идната година ќе биде понуден и во останатите. Со оглед на пазарната поставеност на помалиот H-1, може да очекува дека ќе има доста поволна цена.