Hyundai HL 770-9A

Бодибилдер

Ако има нешто од витално значење при работата со натоварувачите, тоа е времето. А токму во тоа е силата на големиот Hyundai HL 770-9A

Натоварувачите на Hyundai се развиени за различни примени и ги има многу – од малите мултиталенти до големите како што овој, чија феноменална моќ овозможува да се користи дури и за најтешките работи во рударството. Поставен на големи и груби тркала лесно го извршува транспортот на товарот на мали и средни растојанија и уште полесно се превезува од една на друга локација на работа, но најлесно се справува со огромните количини материјал што го собира во корпата чиј капацитет може да биде од 3,4 до 5 m³.

HL770-9A e втор по големина во гамата натоварувачи на тркала на Hyundai и целосно може да се прилагоди да ја врши секоја работа што е можно поефективно. Покрај со корпата со голем капацитет и носивост, тоа се постигнува со промената на силата на моторот и режимот на пренос, што заедно со отпуштањето на спојката може да се врши и во движење за најдобро пристапување кон секоја ситуација. Покрај тоа, многу други процеси се целосно автоматски, како на пример запирањето на раката и спуштањето на корпата. Посебно треба да се истакне и системот за контрола на движењето со акумулатори за апсорпција на ударите на цилиндрите на раката, со што се подобруваат комфорот на операторот и се намалуваат загубите на материјал.

Целата „цртичка 9“ серија натоварувачи на Hyundai се одликува со нов чувствителен на оптоварувањето хидрауличен систем со поефикасна технологија на пумпи со променлив волумен. Преносот на силината е целосно автоматски со варијабилни контроли и мултифазни отпуштања на спојката. Од другите особености треба да се истакнат интегрираните системи за контрола на работењето и дијагноза, автоматскиот систем за подмачкување и интегриран систем за управување со оптоварувањето. Реверзибилниот вентилатор прикачен на задниот поклопец на моторниот простор има автоматско вклучување, а големата кабина со подобрена видливост и камера за поглед наназад, пневматско седиште и водечка во класата ергономија со џојстик контроли, тач-скрин колор LCD монитор, па дури и блутут. Посебно внимание при конструирањето исто така беше посветено на целокупната безбедност во работата и поедноставување на сервисирањето, со намера оваа серија натоварувачи да стане нов репер меѓу конкурентите. Заради тоа и скалите за качување имаат наклон од 20 степени за побезбеден пристап до кабината, а поголемите и отстранливи поклопци на моторниот простор се направени така да овозможуваат лесен пристап до ладилниците и компонентите.

Овој робусен натоварувач има оперативна тежина од 23,5 тони и сила на копање од 21,74 тони. Има должина од 8,7 метри, широчина од 3,1 и височина од 3,56 метри, а со подигната корпа дури 5,89 метри, при што висината на кипање изнесува 3,1 метри. Најновата едиција на овој натоварувач има суфикс А во ознаката што кажува дека е опремен со уште поефикасен шестцилиндричен Cummins QSL9 EU Stage IIIB и Tier 4 Interim мотор со 300 KS, кој ќе го потера до 46 km/h. Трансмисијата може да биде со четири или пет степени за возење нанапред и три за наназад, со планетарна редукција во главчините на тркалата. Осцилацијата на задната оска изнесува ±12°, времето на подигнување на корпата 5,4 секунди, за нејзино празнење се потребни 1,3, а за спуштање 2,8 секунди. Во резервоарот му собира 390 литри гориво, за моторот се потребни 55 литри средство за ладење и 23 литри масло, за трансмисијата уште 43 литри, а за хидрауликата вкупно 292 литри.

Значајно е и што сите нови натоварувачи на Hyundai доаѓаат стандардно и со целосно функционален Hi-Mate далечинскиот мониторинг систем кој овозможува на операторот или на раководителот на машинскиот парк брз пристап до сите функции на машина, следење на ефикасноста на работата и он-лајн дијагностика преку интернет било каде во светот.