Hyundai R210 Smart

Кореец со индиски пасош

► Hyundai Construction Equipment има силна индустриска база во Индија – оттаму доаѓа и овој багер

Делувајќи како засебна дивизија на Hyundai Heavy Industries групата, Hyundai Construction Equipment денес располага со глобално раширена мрежа од преку 540 локални дистрибутери во 150 земји, распределени во девет оперативни центри во Јужна Кореја, САД, Европа, Кина, Бразил, Индонезија и Индија. Со употребата на напреден ергономски инженеринг и технологија, овој производител на градежна опрема е нашироко признат како лидер во овој индустриски сектор. Широкиот спектар на градежна опрема ги задоволува потребите на сите клиенти благодарејќи на примената на иновациите, системот за контрола на квалитетот со нулта толеранција и високонапредната автоматизација на фабриките.

Таква е и онаа во Индија, која започна со работа во 2008 година. Оттаму доаѓа и овој багер со ознака R210 Smart, која кажува дека е од 21-тонска категорија. Поточно, има оперативна тежина од 21.200 килограми и нешто е помал од познатиот R210LC-9. Со стандардната стрела од 5.680 mm и рака од 2.000 mm има должина од 9,65 и височина од 3,2 метри. Растојанието меѓу оските му изнесува 3,37, а широчината 2,7 метри. Може да биде опремен и со рака од 2,4 или 2,92 метри, како и со гасеници широки 500 или 600 mm. Стандардната корпа е од 0,92 m³, додека засилената за карпи и камења од 0,87 m³. Максималната длабочина на копање се движи од 5,82 до 6,74 метри во зависност од раката, а досегот од 9,14 до 9,94 метри.

Моторот е шестцилиндричен Cummins 6БТ5.9-Ц со 5,9 литри работна зафатнина и 141 KS бруто. Хидрауличниот систем располага со две главни пумпи, два хидраулични мотора и два цилиндра на стрелата и по еден на раката и корпата. Трансмисијата е планетарна со редукција, брзината на движење 5,3 km/h напред и 3,4 назад, а може да искачи нагиб до 70%. Користи 290 литри хидраулично масло, 15 литри моторно масло, 5 литри за механизмот за вртење и по 5,8 литри за финалниот пренос. Во резервоарот му собира 340 литри гориво, а во моторот 35 литри течност за ладење.

Hyundai R210 Smart е конструиран за висока профитабилност. Неговите напредни технички карактеристики им овозможуваат на операторите да ја завршат својата работа со голема леснотија, а малата потрошувачка на гориво и ниските трошоци за одржување придонесуваат за побрзо враќање на инвестицијата. На големата ефикасност влијаат мноштво мали нешта, како што е копчето на врвот на џојстикот кое со еден допир го намалува бројот на вртежи на моторот. Опцијата за автоматски празен од кога е вклучена го прави истото во рок од 4 секунди. Моторот има системи против прегревање и рестартување доколку операторот случајно по грешка го сврти клучот кога тој работи. Вртењето е автоматизирано со комбинирана работа на хидрауличните пумпи и оптимизиран проток на маслото. Седиштето на операторот може да се подесува во 7 насоки, а кабината е климатизирана.

Од 1988 година кога започна со продажба на првите два багера (од 21 и 29 тони) од сопствен развој, Hyundai Construction Equipment досега има произведено преку 650.000 градежни машини.