Италијански Јапонец од Тајланд

Fiat Fullback

► Fiat Fullback е чистокрвен пикап и покрај неискуството на италијанската марка во овој сегмент – овој свој недостаток таа го компензираше со партнерската соработка со едно од најпознатите имиња од светот на пикапите – Mitsubishi


Од Тајланд каде се произведува, новиот пикап на Fiat со ознака Fullback пристигна во Европа. По пат застанувајќи во Дубаи на тамошниот салон на автомобилите навести дека се смета и на овој дел од глобалниот пазар. За многумина појавувањето на Fiat Fullback претставуваше изненадување, затоа што италијанската марка немала ваков модел. Оние малку подобро информираните очекуваа нешто друго, најавено лани со концептот Toro. Сепак Fullback е тука за да покрие еден скромен но доста изискувачки пазарен сегмент. Познатите линии упатуваат на кооперација со Mitsubishi, што е доволен доказ за издржливоста со која ќе ги убедува Европјаните да се одлучат за него.

Новиот херој на Fiat Professional е резултат на разбирањето на тековните потреби на професионалните клиенти, но исто така е способен да ги задоволи барањата и за секојдневно задоволство и уживање во животот благодарејќи на својата голема прилагодливост. Робусен и издржлив, подготвен е да се избори за своето место во класата на средноголеми пикапи. Името кое му звучи чудно за едно возило всушност води потекло од спортот – така во Америка ја нарекуваат офанзивната позиција во нивниот фудбал која обично има за задача да го блокира противничкиот квотербек, а во нашиот фудбал Европа еден од одбранбените играчи. Италијанците за него ќе кажат дека е направен врз основа на долгогодишното искуство и одличната репутација што ја има неговиот производител во глобалната индустрија. Со него Fiat Professional направи чекор кон влезот во овој барем во Европа недоволно развиен сегмент кој во регионот опфаќа 675.000 возила. Во проценти изразено, тие во Европа зафаќаат 23% од вкупната продажба на комерцијални возила, за разлика од учеството во Африка од 52 и на Блискиот Исток од 58%. Затоа и на неговото лансирање се гледа чисто стратегиски и од него се очекува да има една од водечките улоги. Накратко, Fiat Fullback е подготвен за секој предизвик и да се справи со секоја ситуација.

Fiat Fullback

Димензиите му се истите од Mitsubishi L200. Должината му изнесува 5.155 mm (Single Cab), 5.275 mm (Extended Cab) или 5.285 mm (Double Cab), од кои на товарниот дел отпаѓаат 2.265, 1.850 и 1.520 mm соодветно. Меѓуоскиното растојание секогаш му е 3.000 mm, исто како и широчината од 1.815 и висината од 1.780 mm. Носивоста му е до 1.100 килограми, а може да влече приколка тешка три тона. Погонот ќе го добива од 2,4 литарски алуминиумски дизел со 150 или 180 коњски сили и 380 односно 430 Nm, спарен со шестстепена мануелна или петстепена автоматска трансмисија со спортски режим на работа. Ќе биде на располагање со погон само на задните или на сите четири тркала со редуктор и блокада на централниот Torsen диференцијал (таа улога кај задниот ја врши електрониката), како и со управувач на левата или десната страна. За некои пазари ќе се опремува и со послаб дизел од 110 KS и бензински мотор со 132 KS, спарени со петстепен мануелен менувач. Иако за вакви возила воопшто не е битна, максималната брзина на Fiat Fullback изнесува меѓу 170 и 180 километри на час, во зависност од моторот и изведбата. Она што е битно е просечната потрошувачка која се движи од 6,4 до 7,2 литри на 100 километри.

151110_Fiat-Professional_DIM_02Деталните спецификации и цените ќе бидат прилагодени на секој пазар поединечно, но се очекува во вкупно четири изведби. Двете главно наменети за работа ќе имаат единечна и продолжена кабина со задни помошни седишта. За оние со специјални барања е наменета верзијата само со шасија, а изведбата со двојна кабина е повеќе за викенд возења. Токму тие купувачи ќе бидат и најмногу задоволни бидејќи Fiat им подготвува серија Mopar додатоци специјално наменети за разубавување на Fullback. Во Италија цената му изнесува 27.500 евра, плус ДДВ. За тие пари се добиваат сериски ABS со EBD, TSA (Trailer Stability Assist, систем што ја зголемува стабилноста при влечење приколка), LDW (Lane Departure Warning) и седум воздушни перници (предни, странични воздушни завеси и за колената на возачот). Престојот во внатрешноста го прават попријатен мултиинформацискиот дисплеј со прилагодливо осветлување, клима уредот, централното заклучување со далечинска команда и друго, а работата на возачот попријатна воланот и рачката од менувачот обложени со кожа. Во топ верзијата се среќаваат уште и биксенонски светла, кожени и загревани предни седишта од кои возачкото електрично се прилагодува, аудио систем со команди на управувачот, 7-инчен екран чувствителен на допир, блутут и интегриран систем за навигација, камера за возење наназад, темпомат, двозонски автоматски клима уред и друго.

Овој пикап има уште една задача – да ја прошири гамата возила што ја нуди марката и претставува значаен чекор напред во нејзината историја стара 115 години.