Iveco S-Way

Нова движечка сила

► После скоро две децении на пазарот, Iveco Stralis оди во пензија – него го заменува новиот S-Way

На спектакуларен начин, Iveco го претстави својот нов тежок камион S-Way. Овој новитет е развиен со цел на корисниците да им се испорача комплетен пакет – не само камион, туку и услуги насочени према возачот, со високо ниво на поврзаност и одржливост. Затоа и на глобалната конвенција одржана во Мадрид каде S-Way беше претставен пред скоро 1.500 гости, учествуваа и глобалните партнери на Iveco во овој проект – Amazon, Shell и Microsoft.

Во S-Way, за да може да се соочи со острата конкуренција, Iveco ги има имплементирано сето свое знаење и искуствата стекнати од претходните генерации тешки камиони, засилени со некои новости прилагодени на потребите на корисниците, со јасна цел за намалување на вкупните трошоци на сопственост. Затоа и со камионот како производ ќе се нуди нов деловен модел кој го покрива работниот циклус на возилото и им помага на корисниците да ги задоволат барањата на своите клиенти.

Веќе на прв поглед Iveco S-Way се издвојува со новиот дизајн на кабината, како однадвор, така и одвнатре. Нови се покривот, решетката на ладилникот, браникот, бочните панели, како и аеродинамичкиот пакет со гумени продолжетоци кои го олеснуваат текот на воздухот. Во Iveco тврдат дека аеродинамиката е подобрена за 12%, што се одразува на намалување на потрошувачката на гориво за 4%. При конструирањето на кабината се водело сметка за постигнување заштеди во производството, но никако на штета на сигурноста и квалитетот, па засилените структури (во согласност со ECE R29.03 нормите), не само дека го подигнуваат ниво на безбедност, туку овозможуваат и подобра позиција на возачот во кабината, што осигурува подобра видливост и прегледност во сите услови. Од Iveco посебно истакнуваат дека конструкцијата на вратите е потполно нова и дека нуди исклучително високо ниво на сигурност и функционалност.

Внатрешноста на кабината е пространа и добро искористена. Подот е рамен, а внатрешната висина е 2.150 mm. Зголемен е капацитетот на внатрешните простори за одложување, така што сега корисната зафатнина на ормарчињата сместени над ветробранското стакло е 270 литри. Големо внимание е посветено на ергономските решенија – сите контроли се сместени на дофат на раката, а централната конзола е свртена кон возачот. На управувачот се сместени команди за бројни функции, а на централната конзола 7-инчниот дисплеј на новиот инфотаинмент систем. Тој овозможува мироринг на телефонот користејќи Apple Car Play, a e опремен и со блутут за хендс-фри и аудио стриминг, дигитално радио, препознавање на глас и навигациски систем, како и бројни други хардверски и софтверски подобрувања. Покрај тоа, тука се и бројните нови услуги кои ќе помогнат при превентивното одржување, како и за дополнително намалување на оперативните трошоци. На пример, креиран е нов систем, всушност збир на решенија наречен MyIveco. Овој систем ги поврзува, собира, обработува и разменува податоците во реално време, а користи услужна платформа развиена во соработка со Microsoft која овозможува сигурно чување на податоците, управување и многу дополнителни услуги кои ќе бидат достапни на мобилните уреди или на компјутер.

За погон на S-Way се користат веќе проверените дизел погонски агрегати на Iveco со работна зафатнина од 9,11 и 13 литри и опсег на силина од 330 до 570 KS, како и Natural Power моторите од 9 и 13 литри кои како гориво користат природен гас и испорачуваат од 270 до 460 KS. За пренос на силината, како и во Stralis, се користи проверениот ZF автоматски менувач, чии команди, поточно прекинувачи D, N и R, се сместени на централната конзола. Логистичките оператори ќе бидат посебно задоволни бидејќи моментално Iveco S-Way Natural Power е единствен LNG камион кој со 460 KS нуди автономија до 1.600 km. На тој начин во потполност е можно да се искористат сите предности на употребата на природен гас (метан), кој во однос на дизелот создава помалку бучава и кој во продуктите на согорувањето има за 99% помалку честички и за 90% помалку азотни оксиди, а со користење на биометан и емисијата на јагленород диоксид е намалена за 95%.

За да го сврти вниманието кон новиот S-Way, Iveco претстави и два концептни камиони Fit Cab и Magirus, со кои планира да им се обрати на посебни категории купувачи. Кај првиот возачот и неговите фитнес потреби се на прво место. Внатрешноста на кабината е уредена како посебна вежбалница, така што камионот станува некој вид фитнес програма за возачот. Iveco Magirus, пак, одава признание на богатото наследство на германскиот бренд, со иновативен пристап и класична двобојна шема на компанијата од Улм, основана во 1864 година, во која денес Iveco ги произведува противпожарните возила.

Како и Stralis, новиот S-Way ќе се произведува во Шпанија. Првите примероци ќе се најдат на пазарот веќе есенва. Номинално S-Way спаѓа во категоријата од 18 до 44 тони, но секако дека за одредени пазари ќе постојат и верзии со поголема тонажа – Stralis на пример во Австралија се користи како 90-тонски влечен воз.